Огромна заинтересираност за „Ало докторе“ - регистрирани над 40 илјади повици

На „Ало докторе“ регистрирани се 42.054 повици, од 15 септември минатата година до сега, а во периодот од 6 до 12 јули се јавиле 1.005 лица.

Како што информира денеска Министерството за здравство, јавувањата на телефонскиот број 02/15 123, во последната седмица се со широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за главоболки, покачен крвен притисок и симптомна болка.

Со затоплување на временските услови, како што се наведува, многу често се јавуваат граѓани за совети и препораки поврзани со топлото време, заштита од сонце и совети околу терапијата за хронични болести.

„На сите оние лица кои се јавија на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија“, се вели во соопштението од Министерство за здравство

Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија.

Телефонската линија е достапна секој ден, 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

 

 

Оцени ја веста

13.07.2015 - 09:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега