Закажал 17 пати, а не се појавил - над 120.000 пропаднати прегледи што некому значат живот

Еден ист пациент 17 пати закажал преглед преку „Мој термин“ , а не се појавил ниту еднаш, друг пациент 15 пати закажал термин и не се појавил на ниту еден од нив. И двајцата не се јавиле да ги откажат претходно закажаните прегледи. Тоа се 32 прегледи кои пропаднале, а кои можеби некому би го чинеле живот.

Ова се само два примери од многуте кои го попречуваат работењето на здравствените установи и го заземаат местото на пациенти кои имаат ургентна потреба од преглед .

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги презентираше бројките на закажани прегледи, на кои не се појавиле пациентите, а при тоа не се јавиле за да ги откажат и да ослободат место за друг пациент.

-Изминатиот период откако почнавме да алармираме во јавноста за оваа појава констатиравме дека за 8% е зголемено откажувањето на термините во споредба со месец мај, однос во месец јуни биле откажани  вкупно 25.668 термини, додека пак во месец мај биле откажани вкупно 23.806 термини, изјави Тодоров.

Ова е показател дека досегашното апелирање во јавноста вродува со плод, заклучи министерот но се уште има сериозно голем простор за подобрување.

-Со детална анализа на системот „Мој термин“ утврдивме дека од почетокот на годинава до  сега вкупно 125 614 пациенти не се појавиле на најмалку еден закажан преглед , а меѓу нив има и 106 пациенти кои не се појавиле на 6 или повеќе од 6 закажани термини, појасни Тодоров.

Само во Тетово за ортопедски преглед се чека 21 ден, а доколку навремено се откажале 1215 закажани прегледи времето за чекање ќе се намалело за 5 пати.

На ортопедија во Охрид за преглед се чека 14 дена, а доколку се искористиле 1425 термини кои што биле закажани а на кои не пациентите не се појавиле и не ги откажале, времето за чекање од 14 дена ќе се намали на 3 до 4 дена.

Чекањето на Универзитетската клиника за кардиологија не би било повеќе од 7 дена доколку 2076 пациенти кои што имале закажани термин не го откажале на време.

Во градската општа болница „8 Септември“ за цел месец август на ортопедија се креирани вкупно 436 термини, а во изминативе 6 месеци не се искористиле вкупно 462 закажани прегледи.

-Тоа значи дека во периодот оф 6 месеци не се искористиле повеќе термини отколку вкупниот број на термини во болницата во специјалност ортопедија  за еден месец, рече тој.

Во општата болница во Струмица за интерна медицина не се искористени 1164 закажани термини кои ако совесно биле откажани, пациентите  не би чекале повеќе од 2 дена, односно времето за чекање од 9 дена би се намалило на 2 дена.

-Дозволете ми уште еднаш да апострофирам дека има пациенти кои по 14, 15 и по 17 пати закажале преглед на лекар а на прегледот не се појавиле. Со ова не само што направиле финансиска штета на болницата и на целиот здравствен систем туку и директно влијаеле некој пациент кој што има сериозна и неопходна потреба од побрз преглед истиот да го добие за 4 или 5 пати  подолг временски период од реалниот. Ова е појава која сериозно влијае врз целиот здравствен систем имајќи предвид дека овие пациенти непотребно ги зафатиле термините и го зголемиле времето за чекање за пациенти на кои здравс6твената услуга им била неопходна, подвлече Тодоров.

Листите на пациенти кои најчесто не се појавувале на закажаните термини ќе бидат доставени до ЈЗУ со комплетни податоци за пациентите.

-Исто така денес ќе се обратиме до нивните матични лекари да образложат дали имаат информација зошто нивниот матичен пациент не се појавува на закажаните прегледи, а воедно ќе побараме повторно да им укажат на пациентите дека не е дозволено и е незаконски да се закаже термин и истиот да не се искористи а при тоа да не се откаже на време,информираше Тодоров,

Паралелно Министерството за здравство ќе испрати и лично адресирани писма до пациентите кои најчесто не се појавувале на закажаните термини со цел да им се укаже дека е незаконски но и несовесно да се закажуваат термини и потоа истите да не се користат.

-Ќе и укажеме дека со навремено и совесно откажување на термините ќе придонесат истите да ги искористат пациентите на кои  конкретната здравствена услуга им е понеопходна. Следната мерка која ќе ја преземен Министерството за здравство со цел да се анулира оваа појава е да се посетат овие пациенти во нивните домови од страна на тимот на „Мој термин“ како и тим од ЈЗУ за да се поразговара со пациентите од блиску и да се информираат за евентуалните проблеми  поради кои почесто биле спечени да се појават на закажаните преглед, рече Тодоров.

Здравствените установи можат на пациентите кои не се појавиле на преглед да им наплатат, но до сега тоа се нема случено. Како што подвлече министерот, поенатата е постојано да се апелира на совесноста на пациентите, односно да имаат во предвид дека со нивната несовесност некој болен кој што има потреба од здравствена услуга истата ја добива за подолг временски период.

 

 

Оцени ја веста

14.07.2015 - 14:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега