Десет причини зошто летово да одмарате во Дојран

Дојран е градот на убавата Дојрана, градот на рибарските куќички и лековитите алги. Но Дојран е и многу повеќе од тоа.

Сместен во југоисточниот дел на Република Македонија, овој  историски град е сместен на брегот на Дојранското Езеро, град кој бил разурнат во Првата светска војна кога броел дури 18 000 жители.

Денес името Дојран го носат три населби разместени околу Дојранското Езеро : градот Стар Дојран центар на Општина Дојран во Република Македонија на местото на стариот град, градот Нов Дојран во Република Македонија на 5 километри на север од стариот град и селото Дојран во Егејска Македонија на јужниот брег на Дојранското Езеро.

Во пресрет на летните одмори, ние ви пренесуваме 10 причини зошто Дојран да биде вашата летна дестинација:

Дојранското Езеро

dojransko-ezero

Дојранското езеро е туристички бисер во Источна Македонија. Тоа е најмалото од трите тектонски езера во Македонија (после Охридското и Преспанското) и е остаток од Пајонското Езеро кое некогаш тука постоело. Се наоѓа на надморска висина од 148m. и е со површина од 43Км2. Заради својата мала површина и длабочина, водите му се релативно топли. Тоа е најбогатото езеро со риба во околината.

Прекрасната клима

Со оглед на својата местоположба, климата во Дојран е секогаш за неколку степени потопла отколку во повеќето останати македонски градови. Ова го прави Дојран да биде уште попривлечно место за посета, бидејќи шансите дека температурата ќе ве изневери во топлите денови тука се најмали.

Споменикот на Дојрана

dojrana

Меѓу Дојранчани, добро постојат две легенди за настанувањето на езерото, за кое во двете е „виновна“ една девојка по име Дојрана. На местото на денешното Дојранско Езеро се протегала широка долина со бујни ливади и разновидни градини. На едно поткренато место имало голем извор. Покрај долината живеела убава девојка која се викала Дојрана. Во Дојрана биле заљубени многу момчиња, но за голема несреќа и еден турски големец-кајмакам. Убавата девојка не можела да замисли да се омажи за него. Кајмакамот почнал да оди по неа. Ја следел на секој чекор. Не и давал мир. Наоѓајки се во безизлезна положба, а да не му падне во неговите раце, се фрлила во големиот извор. Изворот го прифатил нејзиното невино тело. За да го покрие и освети, почнал да се излива. Ја покрил целата долина.За кусо време долината се претворила во прекрасно езеро. Исто како што беше прекрасна и девојката Дојрана. Езерото и градот го добија името по убавата девојка Дојрана. Езерото го нарекоа Дојранско Езеро, а градот Дојран.

Според друга легенда пак, девојката по име Дојрана имала навика да црпи вода од доста особен извор кој по употребата морал да се затвори. Но еден ден во моментот кога таа ги полнела стомните, слушнала дека нејзиниот љубен се вратил жив и здрав од војна и од возбуда и брзање, заборавила да го затвори изворот. Дојранското Езеро, според легендата, е резултат на нејзината непромислена еуфорија.

Свети Илија

svet-ilija

На самиот влез во Стар Дојран се издига каменото ридче, на чиј врв гордо и исправено стојат урнатините на црквата Св. Илија. Уште од далеку со својата раскошна градба го тера патникот да размислува за неа, па и за градот Дојран. Изградена во 1848 година. Со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од село Папрадиште Велешко.

Остатоците од градската бања

banji

На 100 метри југозападно од денешниот хотел се наоѓаат рушевините на единствената бања во градот Дојран, позната како турски збор што значи бања. За оваа бања не се знае кога е изградена но се зборува дека секој ден работела и тоа се до 1916 година кога е и разрушена. Но се знае дека се состоела од повеке простории од кои едни биле за жени, а други за мажи и се знае дека во секоја просторија имало и чешми. Водата до бањата била носена преку ќерамидни цевки од месноста Дере-Баш, 2 km западно од Дојран. Водата се загревала со дрва ( ќумур) во казан и тоа во посебна просторија каде од таму течела во чешмите од кои се миеле граѓаните.Во бањата оделе граѓани од сите националности, а тоа што е најинтересно е тоа дека за идните невести имало посебна церемонија и оделе на посебно моминско бањање.

Манастирскиот комплекс Св. Партениј Зографски

Манастирскиот комплекс на Св. Партениј Зографски во Стар Дојран, востановен е во 2001г. во близина на некогашната(денес непостоечка) епископска резиденција на Партениј Зографски. Посетителите можат да го посетат манастирот на Св. Марија Магдалена во чијшто склоп е новоизградената црква посветена на руските новомаченици царското семејство Романови каде една генерација пред тоа учител на царското семејство бил Партениј Зографски, додека конаците и малата црквичка посветена на Св. Максим Исповедник и на Св. Григориј Палама спаѓаат во монашкиот затворен простор.

Градска Саат Кула

saat kula dojran 1

Точната година кога е изградена не се знае. По народните кажувања таа е изградена во 14 век и тоа во првите години по освојувањето на градот од страна на Турците во 1372 година.

Панаѓурот на 2 август

2 август е одличен датум за да се посети Дојран. Градот по повод празникот Илинден организира панаѓур, и ова е ден кога се одржуваат различни забави, градот е полн, луѓето се весели а улиците преполни.

Одличната забава

festival

Во Дојран се одржуваат повеќе културно уметнички манифестации и ликовни колонии. Најпозната манифестација е Дојрански Ракувања. Потоа, благодарение на програмата на Дојранско културно лето, веќе неколку години по ред жителите и посетителите на Дојран имаат секој викенд некаков настан на кој можат да се забавуваат. Освен тоа, оваа година по четврти пат се организира фестивалот за млади, Д-Фестивал, чија програма од година во година е се поатрактивна. Самиот концепт во кој е предвидено и кампување на посетителите, има огромен потенцијал да прерасне во традиција со кој нивното присуство во овој град ќе стане почесто.

Топлината на луѓето

Исто како и климата и езерото, во Дојран и луѓето се топли и гостопримливи, и се радуваат на секој турист кој одлучил да го посети и истражи нивниот град.

 

 

Оцени ја веста

14.07.2015 - 18:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега