Странските компании работат со полна пареа - нов извозен рекорд од Зоните

Со полна пареа работат странските компании од слободните економски зони. Се зголемува производството, нарачките и извозот на странските пазари. Според последните податоци од Дирекцијата на Технолошко индустриските развојни зони, извозот за првите шест месеци од годината на компаниите од Технолошките индустриски развојни зони изнесува над 700 милиони евра. Податоците покажуваат зголемување на извозот за 31 % во однос на истиот период лани, пишува Лидер.

-Во споредба со минатата година имаме зголемување на извозот за 31 %. Овие бројки и податоци се над нашите проекции кои беа направени на состаноците со странските компании на почетокот на годинава, односно во јануари. Сите компании кои веќе се функционални активно работат, зголемен е бројот на нарачките кои тие ги имаат од нивните партнери во Европа и нормално, со започнување со работа на другите компании во зоните се надеваме дека тој број ќе расте. Компанијата Ки Сејфти Систем почна со работа, но и останатите компании кои најавија старт на производството до крајот на летото, односно на есен – сето тоа дополнително ќе влијание врз зголемувањето на извозот од зоните на странските пазари, вели за Лидер Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Се засилува соработката меѓу странските и домашните компании

Според Мизо, од особено големо значење е соработката меѓу странските компании кои инвестираат во земјава и домашните фирми. Се поголем е бројот на домашни компании кои работат како добавувачи , а тоа значи простор за нови работни места, трансфер на знаење и технологија и краниот ефект е поконкурентна економија. Во моментов, околу 500 домашни фирми соработуваат со странските инвеститори.

Во ТИРЗ Кичево почна градбата на фабриката на КСС

Премиерот Никола Груевски вчера беше во посета на ТИРЗ Кичево каде во тек е изградбата на фабриката на американската компанија „Ки Сејфти Системс“ (КСС). Оваа американска компанија се занимава со производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше со браунфилд инвестиција во центарот на Кичево, каде моментно работат 72 лица, а се очекува новиот објект да биде готов до крајјот на октомври годинава.

-Девет полни години траеа преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица. Тоа е од големо значење за жителите на Кичево и општо за локалната економија, особено затоа што покрај директни ќе има и многу индиректни вработувања. Светската економска криза и европската должничка криза влијаеа на пролонгирање на оваа инвестиција се до изминатата година кога компанијата ја соопшти својата одлука за деловниот потфат во нашата држава. Нашите првични контакти со инвеститорот датираат уште од 2007 година, контактите продлжија во 2008 година на нашето роуд шоу во САД. Во наредниот период следеа повеќе контакти и средби на различни нивоа, изјави вчера премиерот Груевски.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо потсети дека со поставувањето камен-темелникот во ТИРЗ Делчево се заокружи проектот за функционирање на 14 зони, со цел рамномерен економски развој.

-Паралелно со изградбата на оваа фабрика се привршува изградбата на ТИРЗ Кичево. Зоната е со површина од три хектари, ја сочинуваат девет градежни парцели, од кои седум се наменети за производни и услужни дејности, а ќе биде функционална до крајот на октомври, годинава. Новиот објект на КСС со површина од 13.600 метри квадратни ќе чини над 20 милиони долари и првото производство треба да почне во октомври годинава, изјави Мизо.

Директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута го изрази своето задоволство од денешниот настан, кој, како што рече, ќе значи нова успешна инвестициска приказна за оваа американска компанија.

– Со гордост можам да кажам дека заедно изградивме бизнис кој започна во постојниот објект во градот Кичево, каде ќе функционираме до изградбата на фабриката. На постојните три линии веќе вработивме 72 лица од Кичево, а само оваа година во новата фабрика ќе бидат отворени над 300 работни места, рече Петрута.

Во Кичево ќе се прозиведуваат воздушни перничиња и останати делови за автомобилската индустрија кои ќе се вградуваат во најпознатите светски марки на автомобили. „Ки сејфти системс“ е светски лидер во дизајн и производство на автомобилски сигурносни системи. Нивните производи се дел од повеќе од 300 модели автомобили. Компанијата има меѓународна мрежа од 29 продажни и производствени капацитети и 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја.

 

 

Оцени ја веста

16.07.2015 - 08:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега