ФОТО: Миладиновци ќе добие нова амбуланта

Општина Илинден во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита на граѓаните, во соработка со Министерството за здравство и Здравствен дом Скопје, почна со реализаирање на проектот „Изградба на нов објект за амбуланта во Миладиновци”.

Во присуство на поголем број граѓани, камен темелникот на новата амбуланта го поставија министерот за здравство, Никола Тодоров, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и директорката на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ.

Новата амбуланта ќе се простира на површина од 250 метри квадратни, а на пациентите ќе им бидат на располагање две ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за вакцинација, просторија за интервенција, лабораторија, аптека, чекална, како и оптимален број на тоалети.

Вкупната инвестиција за реализацијата на овој проект изнесува 14 милиони денари, средства обезбедени согласно трипартитниот договор помеѓу Министерството за здравство, Општина Илинден и Здравствен дом Скопје.

 Амбулантата ќе се гради на локација до постоечката која што е во многу лоша состојба и не ги задоволува потребите на граѓаните. Рокот за изградба на овој капитален објект во функција на здравството е до крајот на септември оваа година. Со нејзината изградба ќе се овозможат квалитетни здравствени услуги за жителите од Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци.

Општина Илинден во интерес на своите граѓани продолжува да инвестира во оваа област. За таа цел, во населба Илинден приватен инвеститор ќе отпочне со изградба на нов Здравствен дом на површина од 4.000 метри квадратни, со кој на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги.

Реализацијата на капиталниот проект - Изградба на Здравствен дом е една од зацртаните приоритетни цели во Стратешкиот план за Локален економски развој на Општина Илинден 2012-2016 година, со што Општината останува на своите трајни определби континуирано да се грижи за здравјето на жителите.

 

 

Оцени ја веста

16.07.2015 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега