Честитка од премиерот Груевски: Ваквите празници не потсетуваат на вредностите и пријателството кон кои се стремиме

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска упати честитка по повод празникот Рамазан Бајрам.

- Почитуван, Претседател на Исламската заедница во Република Македонија, г-дин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, чест ми е, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Традициите со кои се идентификуваме и празниците кои ги славиме се тука да не потсетат на вредностите кои го дефинираат нашето постоење и идентитет. Споделувањето на овие моменти со најблиските го зацврстува семејството и ги пренесува верувањата и културата на една заедница на идните генерации. Воедно ваквите големи празници отсекогаш биле прилика за изразување на заемна почит и пријателство помеѓу луѓето од различна вероисповест и служеле за зајакнување на добрите односи кои се стремиме да ги градиме во текот на целиот живот, стои во честитката од премиерот.

Бајрамските празнувања и пораката за мир, добрина и милост која тие ја носат се дел од културното богатство и религиозниот диверзитет кој е препознатлив за нашата држава. Овие универзални принципи се столбовите на демократијата, добрососедството и соживотот кои во Македонија отсекогаш сме ги промовирале како најважни. Уверен сум дека наша заедничка вредност и стремеж е одржување на вековното пријателство и разбирање помеѓу нашите заедници, како што тоа било пракса со генерации во минатото. Цел кон која знам дека и во иднината заеднички ќе продолжиме да работиме. Упатувајќи Ви искрени честитки и желби за благословени празнични денови поминати во молитва, Ви посакувам многу среќни моменти и бериќет во секое семејство, завршува Груевски во честитката.

 

 

 

 

Оцени ја веста

17.07.2015 - 11:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега