Работодавачите ќе добиваат шест месечна субвенција од Владата за бруто плата

Нови субвенции за работодавачите од Владата. Работодавачите ќе добиваат шест месечна субвенција за бруто плата, а ќе имаат обрска работникот да го задржат на работното место дополнителни шест месеци.

Државната субвенција ќе се исплаќа во два износа – еден понизок за лицата кои немаат квалификации и еден повисок за оние кои лица со повисок степен на образование или кои ќе бидат вработени на места на кои се извршуваат покомплексни работни задачи.

Понискиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 14.900 денари по вработено лице, а повисокиот износ на субвенцијата е бруто месечна плата од 17.000 денари по вработено лице и овие износи ќе се исплаќаат во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционирано вработување. Дополнително на ова, во текот на првите 6 месеци од периодот на субвенционираното вработување, на работодавачот ќе му се исплаќаат по 5.000 денари по вработено лице преку оваа програма и истите ќе бидат наменети за покривање на трошоците за обука и материјали.

-Со оваа мерка работодавачите ќе можат да добијат или 22.000 или 20.000 денари државна помош на месечно ниво на ангажирање на еден работник во траење од шест месеци. Ќе имаат обврска по тие шест месеци да го задржат работникот на работа уште дополнителни шест месеци. Апелираме работодавачите да ја искористат оваа можност, постои обем на средства кои што овозможува финансирање на уште 100 дополнителни вработувања. Со едноставна пријава до АВРМ работодавачот може да аплицира и воедно да го наведе лицето, профилот на работникот, кој му е потребен. Тој може самиот да го предложи лицето кое сака да го вработи, а доколку нема таков предлог тогаш АВРМ ќе му обезбеди профил на кадар кој му е потребен да го ангажира, истакна владиниот портарол Александар Ѓорѓиев.

 Оваа мерка отвора можност за вработување на корисиницит на социјална парична помош, лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа, корисници на програмата Условен паричен надоместок за средно образование, членови на семејства корисници на едно од следниве права: постојана парична помош, и детски додаток.

Во целната група кои може да се вработат преку оваа програма се и жртви на семејно насилство кои се сместени во шелтер центри или чиишто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика.

Лица кои биле корисници на државна стипендија во последните 15 години и чиишто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика или лица до 29 години чиишто месечен семеен приход по член на семејство во годината пред годината во која аплицираат е понизок од 50% од последната просечна нето плата објавена од Државниот завод за статистика, исто така може да се вработат со оваа програма.

Од Владата информираат дека користењето на мерката нема рок, но подобро е заинтересираните работодавачи да се пријават побрзо затоа што има простор и средства за реализација на уште околу 100 вработувања 

 

 

Оцени ја веста

21.07.2015 - 08:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега