Иако е лето работодавачите не мируваат: Мерките на Владата даваат резултати

Речиси 3.500 слободни работни места на пазарот на труд во моментов се отворени и листиран преку државната Агенција за вработување. Иако е период на годишни одмори, работодавачите не мируваат, а поттикнати и од мерките и поддршката која ја дава Владата, бараат нови и стручни работници. И странските инвестотори отвораат нови работни места, регрутираат и обучуваат кадри за своите идни капацитети, а воедно бараат и менаџерски кадар, пишува Лидер.

Статистиката вели- стручните кадри на пазарот на труд се сѐ повеќе барани. Недостигаат заварувачи, бравари, кранисти. Од друга страна, слободни работни места има за продавачите, таксистите, келнерите, магационерите и дизајнерите на интернет страници. Се бараат и обезбедувачи, шивачи, готвачи, градежници.

Најмногу слободни работни места се отворени во преработувачката индустрија и трговијата, речиси 900. Нови работни места се отворени и во градежната индустрија, над 400, а работа за исто толку лица има и во областа на транспортот. Најголем број огласени слободни места за работа има Центарот за вработување во Скопје, и тоа над 2.000. Во Штип и Битола се отворени по речиси 200 работни позиции, а над 100 во Охрид и Валандово.

Во над 70% од објавените огласи отпаѓаат на техничките кадри, но токму овие кадри најтешко се наоѓаат на пазарот на трудот. ИТ професионалците, инженерите и кадрите од техничко- технолошките струки, исто така веќе подолг период се на цена на пазарот на труд, а истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека и понатаму овие професии ќе бидат најбарани.

Ваквата состојба на сѐ поголема побарувачка на стручниот и технички кадар  е последица на се поголемиот број на странски инвеститори во Македонија, потврдуваат аналитичарите на пазарот на труд.

Нови инвестиции- нови работни места

Нови фабрики никнуваат во слободните економски зони, извозот се зголемува, расте бројот ново отворени работни места. Додека капацитетите на најавените инвеститори се во градба, се прави селекција на кадри и истите се обучуваат, бидејќи инвестициските потфати подразбираат спремна работна сила. Работници се ангажираат уште пред да почнат да функционираат новите фабрики во зоните. Ваков е случајот со последно најавените инвестиции на „Леар“ и „Ки Сејфти Системс“.

-Во целиот овој период и додека се градат гринфилд капацитетите, овие компании ангажураат работна сила. Процесот на вработување е жив, тој е активен и се очекува дека до крајот на годината, без разлика што гринфилд капацитетите нема да бидат изградени, во овие две фабрики ќе бидат работно ангажирани 500 лица, изјави владиниот портпарол Алексадар Ѓорѓиев.

Од компанијата „Леар“ велат дека во својот браунфилд капацитет до крајот на годинава ќе вработат 150 до 200 работници, а кога ќе биде готова фабриката во Тетово, нивниот број ќе изнесува над 2.000. „КСС“ од друга страна, до крајот на годинава во својот браунфилд погон во Кичево ќа вработи 300 лица. Истовремено, првите вработувања во „ОДВ Електрик“ во охридско- струшкиот регион веќе започнаа, а „Костал“ моментално е во фаза на регрутирање на кадар. „ОДВ Електрик“ во моментов вработува околу 75-80 луѓе со тоа што планот е до крајот на 2015 година да се стигне до околу 140 или пак до 150 вработувања.

-Многу е важно колку работни места се креираат по жител, а од таа гледна точка ние имавме најголем скок во 2014 година во споредба со 2013 година. Мината година имаше над 5.000 ново креирани работни места. Она што е важно за оваа година е само КСС и Леар ќе имаат вработување од над 500 луѓе до крајот на оваа година. Тука можам да додадам дека ќе има околу 250-300 и од Гентерм во Прилеп , Техникал Текстајл планира да има над 300 вработувања, Џонсон Контролс во Штип кажа дека можно е да се вработат дополнителни 250-300 луѓе. Ако ги собереме сите овие ново креирано работни места сметам дека и оваа година ќе биде многу успешна, објаснува првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Странските инвестиции донесоа и работа за домашните фирми, а тоа повлекува и отворање на нови работни места, како и примена на нови технологии. За годинава најавено е 20 нови компании да почнат бизнис во Македонија, да отворат 14 илјади нови работни места во следните неколку години.

 

 

Оцени ја веста

22.07.2015 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега