Словачка е против отпишувањето на грчкиот долг

Словачкиот премиер Роберто Фицо на седница на министерскиот Кабинет изјави дека Словачка секогаш ќе се спротивстави на каков било отпис на грчкиот долг. Ова беше реакција на изјавите на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) дека на Атина треба да и се отпише дел од долгот.

Како што јави дописникот на МИА од Прага, Фицо додаде дека ако Грција не ги исполни своите обврски, Словачка ќе биде меѓу првите земји што ќе побара нејзино излегување од еврозоната.

- Почнуваме да стануваме нервозни затоа што чувствуваме оттргнување од заклучоците усвоени на Самитот на еврозоната, на кој земјите се договорија да не се согласуваат со било какво намалување на вредноста на грчкиот долг, рече Фицо за словачкиот портал ХНонлајн.

ММФ пред неколку дена објави дека на Грција ќе и треба многу поголемо олеснување на товарот на долгот, отколку што предвидуваа партнерите во еврозоната, поради штетата која грчката економија и банките ја имаат претрпено во последниве неколку недели, кога банките беа затворени.

Земјите на еврозоната минатата недела, по долги преговори во Брисел се согласија за новите услови на финансиската помош на Атина, кои предвидуваат тврди реформи и кредит од постариот механизам за стабилизација на ЕУ.

 

 

Оцени ја веста

22.07.2015 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега