Уште едно исполнето ветување од Владата: Казните за фирмите драстично се намалуваат

Уште една поволност за стопанството и граѓаните, преку уште едно исполнето ветување на Владата на Република Македонија. Со новите закони драстично се намалени казните и глобите за граѓаните и за фирмите, со што драстично се подобруваат условите за водење бизнис. Освен намалување, се предвидува и нивелирање на висината на санкциите, согласност со финансиската моќ на компанијата, пишува Лидер.

-Со Законот за прекршоци суштинска новина е воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите. Овој принцип беше ветен со предизборната програма на нашата коалиција и денес сме посебно горди што успеавме да го исполниме тоа наше ветување, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Ова, посебно за помалите компании ќе претставува големо олеснување и можност за понатамошно проширување на бизнисот.

Што точно подразбира нивелирањето на санкциите?!

Во новиот Закон за прекршоци се воведени три критериуми по кои ќе се нивелира изречената санкција.

  •          Првиот критериум ќе влијае на изрекување на санкцијата почнувајќи од минимални 10% за фирми кои остваруваат максимални 500.000 денари приход, до максимум 70% за фирми кои остваруваат приход од над 100.000.000 денари.
  •          Вториот критериум се однесува на просечниот број на вработени и предвидува изрекување на санкција во висина од 5% за фирми кои имаат максимум 9 вработени (кои ги сочинуваат над 85% од фирмите во земјава), па се до 20% за фирми со над 250 вработени.
  •          Третиот критериум се однесува на претходното поведение на субјектот и со овој критериум може да се изрече најмногу 10% од предвидената глоба или доколку претходно нема изречено санкција нема да има потреба ниту од овие 10%.

Ова значи дека глоба во иста висина како досегашната ќе плаќаат само фирмите кои имаат над 250 вработени (а такви се само 0,3% од фирмите во Македонија), и имаат годишен приход од најмалку 100 милиони денари. Сите други фирми ќе имаат далеку помали казни.

Според овие законски услови, математиката е следна: Ако на пример една фирма која има до 9 вработени, остварила годишен приход од најмногу 500.000 денари, а претходно не била санкционирана, со новиот закон за прекршоци, таа ќе плати 15% од сумата која што претходно требало да ја плати, односно ако фирмата била санкционирана со глоба со висина од 500 евра, со новиот закон таа ќе изнесува само 75 евра.

Ако фирмата има вработено максимум 49 луѓе, рече тој, па остварила приход до еден милион денари и претходно не била казнувана, ќе плати глоба во висина од 30% од досегашната сума, односно ако глобата била 500 евра сега ќе треба фирмата да плати само казна од 150 евра.

Ако, пак, фирмата има вработени од 50 до 249 луѓе, а остварила приход од максимални шест милиони денари и не била санкционирана претходно, тогаш ќе треба да плати глоба од 55% од досегашната сума, односно наместо 500 како досега- ќе треба да плати 275 евра.

Прво опомена, потоа казна

Економската практика вели дека големите казни одат во полза на сивата економија, а тоа носи намалена економска активност, што воопшто не е во полза на економијата. Праксата вели, за поголемо поттикнување на бизнисот- казните прво треба да бидат превентивни и едукативни, а тоа е одлична основа компаниите да си го најдат своето место и да знаат како ќе бидат третирани понатаму.

Со новиот Закон за прекршоци освен што драстично се намалуваат глобите за прекршоците, предвидува и воведување на можност за опомена кон правните лица и трговците поединци.

Според надлежните, се со овој закон се излегува во пресрет на барањата и потребите на граѓаните и фирмите во земјава при што се обезбедува принципот на правичност и намалување на трошоците за работата на фирмите.

 

 

Оцени ја веста

24.07.2015 - 09:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега