Груевски го исполни ветувањето, намалени санкциите за компаниите

Даденото ветување на премиерот Никола Груевски од април минатата година на предизборниот митинг во Гостивар, стана реалност.

-Во иднина санкциите за оние што плааат казни да бидат нивелирани според економската моќ на субјектот. Да не плаќаат исто фабрики, комбинати, капацитети кои имаат по 200,500 вработени и голем капитал и мали дуќани кои имаат по еден или двајца вработени. Казната да биде нивелирана според процентот на нивната економска успешност, односно според обртот што го имаат за да не се случи помалите да пропаѓаат заради високи казни. И тоа е предвидено во оваа програма, истакна Груевски минатата година на митингот во Гостивар.

Ова ветување дадено во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стана реалност. Пред неколку дена во Собранието беше изгласан законот со кој казните ќе се одредуваат според економската моќност на субјектот.

Во Законот за прекршоци се воведени три критериуми по кои ќе се одмерува, односно нивелира санкцијата, а кои во суштина значат драстично намалување на глобите за прекршоците за најголемиот дел од субјектите во Македонија.

Првиот критериум е вкупниот приход во претходната фискална година. Овој критериум ќе влијае на изрекување на санкцијата почнувајќи од минимални 10% за фирмите кои остваруваат приход до максимални 500 000 денари, па се до максимум 70% за фирми кои остваруваат приход од над 100 000 000 денари. Вториот критериум е просечниот број на вработени врз основа на кој ќе се изрекува санкција во висина од 5% за фирми кои имаат максимум 9 вработени (а такви се над 60 215 од вкупно 70 659, или над 85% од фирмите во Македонија), па се до 20% од пропишаната глоба за фирми со над 250 вработени. Третиот критериум е претходното поведение на субјектот за кој критериум може да се изрече најмногу 10% од предвидената глоба, што значи дека ако претходно нема изречено санкција нема да ги плаќа овие 10%.

Дополнително со измените на Законот се воведува и можноста за опомена кон правните лица и трговците поединци.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев вели дека со овој Закон покрај тоа што се помага на бизнис заедницата со определување на санкционите одредби согласно економските перформанси на самите компании, како системско решение се воведува институтот на опомена.

-Институтот на опомена може да биде изречен во определени повреди на законите кои се од незначителна вредност, но е поволен за самата бизнис заедница, бидејќи има еден сериозен елемент на едукативна компонента која во иднина може да биде искористена за превенирање на состојби кои што би воделе кон потешки повреди на законите. Ова е позитивно и за државата и за целокупниот амбиент, како и за компаниите кон кои основно се целиме да ги подобриме условите во кои тие функционираат, вели Ѓорѓиев.

Со овој закон се излегува во пресрет на барањата на граѓаните и на фирмите, при што се обезбедува принципот на правичност и целта за намалување на трошоците за работа на компаниите.

Носењето на овој закон беше поздравено од Сојузот на стопански комори на Македонија.

 
 
 

 

Оцени ја веста

25.07.2015 - 19:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега