Бесен охриѓанец прегази полицаец пред „Св.Наум“

45 годишниот М.К од Охрид си заработи кривична пријава поради „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, информираат од охридската полиција.

Во текот на вчерашниот ден, М.К. со своето „БМВ“ го прегазил десното стапало на полициски службеник кој го регулирал сообраќајот пред манастирскиот комплекс „Св.Наум“.

-Настанот се случил на влезот од манастирскиот комплекс „Св.Наум“ во момент кога униформираниот полициски службеник на М.К. му ја покажал насоката каде треба да го паркира и остави моторното возило. Незадоволен од тоа и игнорирајќи ја наредбата, тој со своето возило му пристапил и застанал непосредно до полицискиот службеник барајќи од него да му биде дозволен влез во манастирскиот комплекс. Откако и вербално му било кажано дека треба да се паркира на земјениот паркинг простор, пријавениот го придвижил возилото наназад по што од истото излегле членовите на неговото семејство. Потоа М.К. повторно почнал да се движи кон влезот на манастирскиот комплекс при што полицискиот службеник уште еднаш со рака му ја покажал насоката кон паркинг просторот, информираат од полицијата.

Но, наместо кон паркингот, охриѓанецот го насочил своето „БМВ“ директно кон униформираниот полициски службеник. Од полицијата информираат дека М.К. со предното десно тркало од автомобилот поминал врз десното стапало на полицаецот.

Полицаецот веднаш бил пренесен во болницата за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, каде му е укажана лекарска помош.

најчитано сега