Македонски и српски службени лица заеднички ќе вршат контроли на Табановце

Намалување на времето на премин на патници и стока преку железничкиот граничен премин Табановце - Прешево преку формирање на заедничка зона каде службениот пресонал заеднички ќе ги извршуваат своите обврски. Целта истовремено е и скратување на времето на патување преку Коридорот 10.

Ова се очекува да биде постигнато по ратификувањето на Спогодбата помеѓу владите на Македонија и на Србија за утврдување на граничните процедури за железничкиот граничен премин Табановце-Прешево, која денеска беше изгласана на собраниската Комисија за надворешна политика.

Претставникот на Министерството за транспорт и врски посочи дека речиси 80 до 90 отсто од граничниот железнички сообраќај се одвива преку овој премин.

Основна причина зошто се носи оваа Спогодба се скратување на времето на задржување на возовите на овој граничен премин, поедноставување на граничните процедури, а тоа, како што посочи тој, ќе значи и зголемување на конкуретноста на железничките услуги во однос на другиот вид на транспорт.

Спогодбата предвидува дефинирање конкретни гранични процедури помеѓу овие две држави, начинот на користење на телекомуникациските уреди, како и утврдување на една заедничка железничка станица. Се дефинира таканаречена зона каде што службениот персонал на двете држави би ги извршувале заеднички сите процедури.

Оваа зона ги опфаќа граничните железнички станици Табановце и Прешево, граничната делница помеѓу двете железнички станици, граничната делница помеѓу Табановце и Прешево за патници и граничната делница помеѓу Табановце и Прешево за движење на товарните возови. Во оваа Спогодба е дефинирано дека заедничка гранична станица би била Табановце која што е на македонска страна.

Определни се и постапки за вршење на размена на информации меѓу соодветните органи преку склучување на имплементациони договори, кои треба да бидат донесени по ратификацијата на Спогодбата.

Собраниската Комисија за надворешна политика денеска се изјасни позитивно и за Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) за банкарски гаранции во земјоделството и рурален развој во Република Македонија.

Според претставничката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Договорот предвидува воспоставување гарантен фонд преку којшто на земјоделците и на малите бизниси во руралните средини ќе им се олесни пристапот за кредити.

- Со овој Договор всушност се воспоставува Фонд за банкарски гаранции каде што Владата на Република Македонија учествува со определна сума и средства, УСАИД исто учествува со определена сума на средства. Преку овој Фонд, којшто ќе се наоѓа во Америка, ние ќе можеме да гарантираме минимум до 20 милиони евра пласирани кредити во земјоделие, изјави Билјана Костовска од МЗШВ.

Целата реализација на овој гарантен фонд ќе биде преку четири комерцијални банки и тоа: Комерцијална банка, Прокредит банка, Халкбанка и Стопанска банка Битола.

- Корисниците на програмите за поддршка на земјоделие, како што е ИПАРД, и сите оние што сакаат да инвестираат во земјоделие преку овие четири банки ќе можат да добијат кредити каде што обезбедувањето ќе биде 50 проценти помалку, посочи Костовска.

Останува сега УСАИД да ги договори условите со банките. Договорот потпишан со Владата е на десет години.

Ова е веќе разработена програма на УСАИД во други земји.

Двете ратификации ќе бидат на дневен ред на следната собраниска седница

 

 

Оцени ја веста

25.08.2015 - 12:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега