„Тим кој ги интегрира различностите“ – импресиите од учесник на Школата за млади лидери на претседателот Иванов

Првата недела на Школата за млади лидери на претседателот Иванов

Школата за млади лидери односно Меѓународната обука за млади лидери, во организација на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, претставува проект кој се одржува веќе шеста година по ред. Пред само две години, за мене оваа Школа претставуваше замисла, односно академски клуб и цел која сакам да ја постигнам и да станам интегрален дел од истата.

 Денес, јас сум веќе осми ден учесник на горенаведената Школа и дел од тимот кој сигурно ќе го даде својот максимален придонес во процесот на изградба на одржлива иднина на македонската држава.

 

 Она што можам да го запишам како еден од впечатоците од првата недела од оваа престижна Школа, претставува составот на овогодинешните учесници. Со три зборови би го нарекол „Тим кој ги интегрира различностите“. Широкиот дијапазон на стручности во составот на овогодинешните учесници само ни ја доловува основната идеа на оваа Школа односно создавање лидери на секое ниво и во секој сектор, и ни ја навестува обезбедената и интегрирана иднина на Република Македонија. Тимот во овој состав успеа првата недела од Школата да ја исполни со академски дебати, со идеи за европската иднина на Република Македонија, со проекти за воспоставување на обезбедена иднина на Република Македонија, и секако со практични примери за спроведување на истите со цел овозможување подобро и поквалитетно утре за граѓаните на нашата држава. Пример кој покажува дека Школата има и големо и регионално значење е еднодневната посета, од страна на учесниците, на општината Пустец во Република Албанија во која над деведесет проценти од граѓаните се од македонска националност. Оваа посета можеме да ја опишеме како работна затоа што учесниците освен што се запознаа со културните и историски добра на општината Пустец, тие беа во можност да се запознаат и со секојдневните предизвици кои ја засегаат општината и нејзинитежители. Идните лидери како своевиден придонес во подобрувањето на условите за живот во општина Пустец, подготвија нацрт-проекти и предлози кои ги презентираа пред Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и градоначалникот на општина Пустец, г. Едмонд Темелко. Претседателот на македонската држава, како идеен творец на оваа единствена Школа во регионот и пошироко, беше задоволен што и овогодинешните учесници успешно ги совладуваат задачите и активностите на Школата и што имаат изградена свест за општествена одговорност како за своите сограѓани, така и за Македонците кои живеат надвор од границите на македонската држава. Градоначалникот на општина Пустец додека ја следеше презентацијата на предлог-проектите од страна на учесниците не можеше да ја сокрие насмевката на своето лице и вербата во своите сонародници дека ќе успеат во процесот на пронаоѓање на решенија за секојдневните предизвици зажителите на општина Пустец.

Не можеме да креираме целосен осврт на првата недела од Школата за млади лидери ако не оставиме белешка и на овогодинешните предавачи на истата. Почнувајќи од познати политичари и функционери во европски рамки, преку врвни професори на светски познатите универзитети, па се до бизнисмени и поединци кој претставуваат лидери во економскиот и бизнис сектор. Предавањата беа исполнети со богати теоретски излагања, практични примери, вежби и работилници на кои се евалуираа предизвиците и бариери во современиот глобализиран свет. Повторно морам да ги спомнам учесниците, затоа што сметам дека покрај врвниот тим на организатори на оваа Школа и високото ниво на академска доблест на предавачите, квалитетниот и усовршен состав на овогодинешните учесници клучно придонесува во подигнување на квалитетот на оваа меѓународна обука и во поставувањето на нови повисоки стандарди на истата.

 

Не очекуваат уште три дена од Школата, исполнети со интензивни предавања, квалитетни дискусии, соочување на идеи и ставови, и секако неформални разговори и дружења покрај прекрасната идила на Охридското езеро. Не смеам да ја заборавам ниту ораторската вечер за која сум убеден дека дополнително ќе го нагласи сјајот на Школата, и на која ќе биде презентиран натпреварувачкиот дух на учесниците кои ќе успеат и во услови на натреварување да ги покажат своите доблести, мудрост и усвоените вредности за еднаквост, почитување на мислата и равноправост со другиот. Евалуацијата за првите осум дена од Школата за млади лидери ќе ја завршам со моето толкување на изјавата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во која вели цитирам: „Оваа школа е влог во европеизација на Република Македонија“. За крај, Школата како чинител во процесот на европеизација на Македонија клучно допринесува и во процесот на креирање лидери во македонската држава чија е основна идеа и водич, почитувањето, освојувањето и имплементацијата на европските идеи и текови.

 

 

Оцени ја веста

25.08.2015 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега