Земјоделците задоволни од владината поддршка за набавка на нова и модерна земјоделска механизација

Со владината поддршка за набавка на нова и модерна земјоделска механизација земјоделците од сите региони од државата извршија замена на старата механизација со нова и многу пофункционална механизација.

За сите нив оваа владина поддршка во висина од 50 проценти од вкупната сума на механизацијата претставува многу важна поддршка без која не би можеле да си купат нова механизација.

Сега, со оваа поддршка со новите трактори и новата приклучна механизација земјоделското производство во државата се доближува до современите земјоделски стопанства во останатите поразвиени држави.

Изминатиов период Владата за оваа намена им финансираше за земјоделците околу 10 милиони евра, со кои по принципот 50-50 беа набавени 7800 парчиња земјоделска механизација, од кои 1570 трактори и 6230 парчиња приклучна механизација.

Земјоделците со благодарност до Владата за оваа поддршка за која што, како и самите велат, никогаш немало да имаат нови трактори и нова земјоделска механизација.

Задоволни што Владата покрај субвенции ги помага и на овој начин истакнуваат дека со овој вид на поддршка многу полесно можат да работат.

Гоце Стојановски е земјоделец од Горно Адларци. Земјоделството им е семејно занимање. Многу се благодарни за владината поддршка која им помогнала во голема мера.

-Преку оваа програма, благодарение на Владата, набавивме трактор, со 50-50 и целосна механизација која ни е одобрена и треба да се земе овие денови. Млад земјоделец е син ми кој е вработен и сега сака да биде млад земјоделец со помош на Владата му одобрија 50 отсто од националната програма и тие пари се одобрени во механизација. Оваа поддршка е од големо, огромна, значење за сите земјоделци, не само за мене, со помош на Владата. Владата ни овозможува една ваква помош, истакна тој.

Благоја Георгиевски, земјоделец од Кукуречани, исто така вели дека владината помош му е добредојдена.

-Станува збор за механизација од најмодерен тип. Со таа механизација многу ни е олеснета работата. Со поддршка на Владата, на министерството за земјоделие, успеавме да ја добиеме оваа механизација и како што реков, ни е олеснување во земјоделието. Поддршката значи многу олеснување на самата работа, олеснување на самиот превоз на производите , тоа доста влијае на земјоделието. Поддршката на Владата е баш на право место. Македонија мислам дека е земјоделска држава и е во одлична насока, рече овој земјоделец.

Земјоделците се согласни дека преку ова, како што велат, партнерство на државата со земјоделците го зголемуваат своето производство и го зголемуваат приходот од земјоделската дејност а истовремено поддршката од овој вид е и причина за вклучување на младите лица во земјоделството, за што Владата неодамна додели финансиска поддршка за младите земјоделци.

Во насока на продолжување на континуитетот на овој вид финансиска поддршка за земјоделците или како што земјоделците популарно ја викаат 50-50, преку Агенцијата за финансиска поддршка деновиве завршува новиот повик на кој за набавка на нова земјоделска механизација можат да аплицираат земјоделците кои располагаат со минимум 1,5 ха житни или индустриски култури (маслодајни, фуражни култури) или минимум 5 декари тутун.  

Дополнително во насока на уште поголеми можности за набавка на нова механизација се овозможи и набавка на земјоделска механизација и преку ИПАРД програмата за земјоделците кои поседуваат долгогодишни насади или се занимаваат со сточарство, со што дополнително се зголеми бројот на нова и современа механизација за македонските земјоделци.

 

 

Оцени ја веста

28.08.2015 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа