Рударите од РЕК „Битола“ и „Осломеј“ го одбележаа Денот на рударите

Во рудникот Суводол на РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“ денеска беше одбележан 28 август - Денот на македонските рудари.

На свеченоста беа прогласени и најдобрите рудари за оваа година како и победниците на спортските работнички игри, кои синдикалната организација ги организира во чест на Денот на рударите. 

Директорот на РЕК „Битола“ Живко Крстевски го истакна значењето на работата на рударите во крајните производни резултати на Комбинатот, а директорот на рудниците во РЕК „Битола“ Зоран Богдановски се осврна на постигнатите  резултати на оваа производна единица во периодот помеѓу двата празници.   

За инвестициите  на компанијата во РЕК „Битола“ говореше генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски. Годинава, како што истакна, е завршен асфалтниот пат од село Новаци до ПК Брод – Гнеотино во должина од 11 километри, со кој се обезбеди непречен транспорт на опрема и луѓе од РЕК „Битола“ до новиот рудник, како и на изработувањето на комплетната проектна документација за топлификација на општините Битола, Новаци и Могила со енергија  од РЕК „Битола“. 

Во наредните две години, најави Бошковски, ќе се реализира инвестицијата за набавка на рударска опрема која ќе ги засили капацитетите на рудниците во РЕК „Битола“, како и проектот за обезбедување на експлоатациски резерви на јаглен  во околината на комбинатот, со кој ќе се продолжи работниот век на РЕК„Битола“ во наредните години. 

Бошковски се осврна и на подготвителните активности за отворање на рудникот „Живојно“ кои треба да се реализираат до 2020 година, со што ќе се обезбедат милион тони јаглен годишно за потребите на РЕК „Битола“, како и на отворање на рудникот „Мариово“, за што е во тек изработка на студија за транспорт на јаглонот од овој рудник до РЕК„Битола“. 

Денот на рударите беше пригодно одбележан и во РЕК „Осломеј“ каде беше нагласено значењето на рударите од овој комбинат, како една од поважните алки во процесот на производство на електрична енергија во компанијата.

 

 

Оцени ја веста

28.08.2015 - 15:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега