Џамбазовски: Македонија се вбројува во дестинации кои се препознатлив бренд во Европа

Македонија веќе се вбројува во дестинации кои претставуваат препознатлив бренд во Европа со што од година во година се зголемува бројот на посетителите, оценува Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Во интервју за МИА, Џамбазовски вели дека се уште е рано да се направи оценка на летната сезона, но, оти според податоците заклучно со јуни може да се очекува успешна летна сезона.

- Кога ќе земеме во предвид дека најкритичниот месец јуни со оглед на турбуленциите кои ги имавме за период мај-јуни забележавме раст, тогаш можам слободно да прогнозирам двоцифрен раст во проценти до крајот на годината. Резултатите кои можам да ги прокоментирам се однесуваат на периодот јануари-јуни со оглед на тоа што обработените податоци се за тој период. Во периодот јануари-јуни 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на странски туристи е зголемен за 11,6 проценти што значи дека 22 илјади туристи повеќе ја посетиле Македонија во однос на истиот период минатата година што потврдува дека мерките кои беа превземени по заклучоците на итната седница на Советот на Агенција за туризам каде членуваат туристичките комори беа во вистинска насока, истакнува Џамбазовски. 

Тој посочува дека вкупниот прилив по основ туризам во Република Македонија според НБРМ изнесува 300 милиони долари, додека разликата помеѓу приливот и одливот по истиот основ е 146 милиони долари што го вбројува туризмот во најуспешните извозни индустрии која бележи годишен раст од околу 15 милиони долари.

Тоа е потврда, вели Џамбазовски, дека е исплатливо да се инвестира во туризам бидејќи туризмот има моќ да ја раздвижи целата економија, да донесе нови вработувања, да ја зголеми потрошувачката, да го подобри платниот биланс, а да не ја заборавиме и неговата политичка функција – да го подобри имиџот на државата во меѓународни рамки.

За подобрување на условите за развивање на туризмот и за подобрување на условите за работа на туроператорите, како што вели Џамбазовски, преземени се бројни мерки.

- Ќе ја спомнам погодноста, намалувањето на ДДВ  во областа на туризмот од 18 на 5 проценти, потоа интензивирање и зголемување на бројот на авионски линии кон Република Македонија од Европа и светот. Моментално имаме над 30 директни полети преку македонските аеродроми. Формирање на туристичките развојни зони за кои очекуваме инвеститори, со светски брендови, со што  ќе  се видоизмени туристичкита понуда, а материјално-техничката база би се издигнала на едно повисоко и поквалитетно ниво. Ние како Агенција имаме дополнителни мерки за промоција и поддршка на туризмот, основно насочени  за подобрување на имиџот и зголемување на популарноста, односно подобро позиционирање на Македонија како туристичка дестинација на меѓународно ниво, а во делот на поддршката работиме на создавање поволни услови за проширување на туристичката понуда,  создавање нови туристички производи и субвенционирање, поточно директна поддршка на организирани  туристички патувања во Македонија и подобрување на туристичкиот промет. Субвенциите последниве години дадоа резултати, пазари на кои не сме биле присутни, сега сме. Последната одлука нa Владата беше, на овој план да се вклучат дополнително уште шест држави со износ од  65 евра по посетител за организирано патување во Република Македонија: од САД, Азербејџан, Англија, Казахстан, Катар и Германија. Доказ дека активностите кои ги превзема Владата и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се во вистинска насока е и статистиката според која во  последните девет години бележиме раст на посетеноста од странски туристи над 100 проценти, што јасно покажува дека туризмот ќе зазема се поголемо место во националната економија, наведува Џамбазовски.

Тој додава дека се работи и на развивање на алтернативниот туризам и оти во таа насока се реализираат проекти за создавање мрежа на планинарски патеки и планинско-велосипедски патеки, проекти за поттикнување  и создавање  услови за  развој на параглајдингот, алпинизмот, спелеологијата.....

 

 

Оцени ја веста

29.08.2015 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега