Формирана Комисија за трансплантација на ткива и органи

Лекарската комора на Македонија формираше Комисија за трансплантација на ткива и органи составена од доктори, членови од Етичкиот комитет на ЛК. Целта на Комисијата е подигнување на свеста за трансплантацијата, потребите и позитивните ефекти кои таа ги има, објасни денеска потпретседателот на Лекарската комора Ленче Неловска.

Претседателот на Комисијата, Аспазија Софијанова рече дека лекарите, здруженијата на пациентите и сите останати ќе учествуваат во одлучувањето за дарување живот на оној на кој може да му се дарува живот.

- Знаејќи колку средства се одлеваа за да се прават трансплантации во други држави решивме да ја формираме Комисијата која е составена од педијатри, нефролози, хирурзи, филозофи, религиозни лица, каде пред да се одлучиме околу етичкиот момент кој знаеме дека ќе биде секогаш горлив проблем, ќе седнеме на маса и ќе се договориме околу тоа дали навистина треба да биде извршена трансплантација. Идејата е да успееме да допреме до лицата кои ќе знаат дека и во иднина на овие простори ако се случи некој несакан случај дека ќе може нивниот живот да продолжи понатаму, додаде Софијанова.

Доктор Игор Николов од Клиниката за нефрологија, член на Извршен одбор на ЛК, истакна дека таа здравствена установа е водечка во трансплантацијата во смисла на бројните трансплантации на бубрези кои се прават од живи дарители.

- Законот за трансплантација со неговите измени се донесени пред една недела. Тоа ќе ни овозможи да почнеме сериозно да го развиваме процесот на кадаверична трансплантација за која бевме советувани од експерти кои доаѓаат во земјава. Заклучивме дека е потребно ЛК активно да учествува во развивањето на трансплантацијата во Македонија не само од жив дарител, туку и од починат, посочи Николов.

Изрази надеж дека наскоро ќе биде назначен национален координатор за трансплантација.

- Со колегите од Хрватска имаме состанок овој месец за размена на експерти и за тренинг, бидејќи е потребно да го подобриме и кадровскиот капацитет на здравствениот систем. Имаме соработка со Француската агенција за трансплантација која ќе ја посетиме наскоро. Се надевам дека со сите напори кои ги вложуваме ќе успееме и Македонија да ја добие и кадаверичната трансплантација не само на бубрези, туку и на останатите органи, рече Николов.

Нагласи дека за трансплантацијата имаат поддршка и од сите верски заедници.

- Сега ни се потребни организациски активности и подобрување на кадровските капацитети, додаде Николов