Со новата владина поддршка ќе бидат реализирани проекти за 36 населени места во струмичко

Продолжуваат инвестициите на Владата за струмичкиот регион, најави вчера премиерот Никола Груевски, при својата посета во овој регион.

- Четири општини од струмичкиот регион овој пат добија околу три милиони евра директна поддршка од Владата. Тие средства ќе можат да ги вложат во проекти поврзани со водоводи, канализациски мрежи, патишта, паркови и слично. Така што очекувам овие три милиони евра да ги искористат оваа и во текот на следната година. Општина Струмица доби средства за три проекти, практично за сите три проекти за коишто побара пари. Општина Василево побара средства за поголем број проекти и доби, а исто така и општина Босилово и општина Ново Село. Така што се на се, вкупно 3 милиони евра се дадоа за овој регион, во овие 4 општини во струмичкиот регион. Ние и во минатото многу помагавме, само за водоводи имаме безмалку 2 милиони евра инвестирано во изградба на водоводи и канализациони мрежи. Така што, ќе продолжиме и во иднина со поддршка на Струмица и струмичкиот регион. Ние не гледаме кој е на власт во општината, кој не е на власт, туку гледаме да помогнеме на секоја општина, бидејќи на тој начин им помагаме на граѓаните. Нашата цел се граѓаните, односно нивни поквалитетен живот и подобри услови, рече вчера Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Со најавената владината поддршка од 3 милиони евра во струмичко ќе се реализираат проекти за 36 населени места од овој регион. Проекти кои ќе значат подобрување на условите за живот во населените места во општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.

Само преку последните решенија за финансиска поддршка кои ги добија овие општини, во општина Босилово ќе се градат патните правци Босилово – Радово и Бориево – Еднокуќево, ќе се градат улици во населените места Босилово, Моноспитово, Робово и Еднокуќево и ќе се изгради и велосипедска патека во Иловица.

Во општина Василево ќе се гради фекална канализација во населеното место Владевци, ќе се градат улици во Добрешинци, Ангелци и Градошорци а ќе се гради и улица во населеното место Сушево.

Во општина Ново Село ќе се работи на патниот правец до водопадите каде што ќе се гради и паркинг простор а во оваа општина ќе се финансира и уредување на паркови во 14 населени места во оваа општина.     

Во општина Струмица пак, каде од страна на Владата се прифатени сите проекти со кои аплицираше општината, ќе се реконструираат домовите во Просениково, дабиле, Вељуса, Добрејци, Попчево и Костурино, ќе се уредуваат паркови во Просениково, Куклиш, Костурино, Муртино и Свидовица а ќе се уредува и патната инфраструктура во локалитетот Банско.

Со овие проекти како што беше изјавено и од страна на градоначалниците и жителите на овој регион, Владата значително придонесува за подобрување на условите за живот во сите населени места, каде од година во година дополнително и со нови проекти се зголемуваат инвестициите од страна на државата во секоја област.

За жителите од овој регион од особена важност е и тоа што ваквата поддршка се однесува на речиси сите населени места што е дополнителна вредност за секое населено место. 

 

 

Оцени ја веста

30.08.2015 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега