ОН: Наскоро и до 3.000 бегалци дневно ќе пристигнуваат во Македонија

 

Врз основа на трендовите во Турција и Грција, Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) предвидува дека бројот на новопристигнати бегалци во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно, се наведува во денешното заедничко соопштение од агенциите на Обединетите нации во Македонија.

- Република Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште во Германија, Шведска и други земји-членки на Европската Унија. Повеќе од 50.000 вакви патници се регистрираа во полициската станица во Гевгелија, откако на 18 јуни 2015 година стапија на сила новите измени на Законот за азил и привремена заштита. Со оглед на тоа што многумина се движат на север без да се регистрираат, реалната бројка на пристигнати лица се проценува на над 70.000 за само нешто повеќе од два месеца, стои во соопштението.

Според нивните проценки, преку 80 проценти од оние кои влегуваат во земјата бегаат од војната во Сирија, фактор што автоматски ги квалификува за меѓународна заштита. 

- Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен, како за националните и за локалните власти, така и за Црвениот крст и другите граѓански организации, се наведува во соопштението од УНХЦР, Меѓународната организација за миграција (ИОМ), УНХЦР, Фондот за население на ОН (УНФПА) и Светската здравствена организација (СЗО). 

Од самиот почеток, како што се посочува, агенциите на Обединетите нации со седиште во Скопје им помогаат на националните партнери во грижата за бегалците и мигрантите, со посебен фокус на ранливите лица.

- Иако најголем дел од оние кои патуваат се мажи, жените и децата сега изнесуваат речиси една третина. Дополнително УНФПА проценува дека 12 отсто од жените се бремени, се вели во текстот. 

Обединетите нации, како што се наведуваат, ја поздравуваат неодамнешната потврда на земјата за заложба за справување со приливот и транзитот на илјадниците бегалци и мигранти во согласност со меѓународните човекови права и Конвенцијата на Обединетите нации за бегалци од 1951 година. Државите, се вели натаму, имаат суверено право да ги утврдат условите за влез и престој на нивните територии, но исто така имаат обврска да ги почитуваат, заштитуваат и исполнуваат човековите права на сите поединци кои се под нивната јурисдикација, без оглед на нивниот правен статус. 

- Системот на Обединетите нации го поддржува повикот на Владата до Европската унија и до останатата меѓународната заедница итно да се постигне договор за целисходни решенија со кои ќе се олесни страдањето на луѓето во транзит и порамноправно ќе се подели одговорноста за кризата чии корени се далеку од Западниот Балкан, се посочува во соопштението. Македонија, како што се потенцира, не треба да се соочува со оваа криза сама, ниту пак да биде принудена да зависи само од сопствените ограничени ресурси. ОН се подготвени да и дадат натамошна поддршка на овие напори.

Од 19 јуни до денеска изутрина, според евиденцијата на МВР, низ Македонија минале 51.300 бегалци, од кои најбројни биле оние од Сирија.

 

 

Оцени ја веста

31.08.2015 - 09:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега