Јолевски: Вежбата „Операција Фаланга-Македонија“ доказ за добрата соработка меѓу армиите на Македонија и САД
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, придружуван од амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и командантот на ЗОК на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, денеска на армискиот полигон Криволак присуствуваа на билатералната воена вежба „Операција Фаланга – Македонија“, која започна на 28 август, а ќе трае до 6 септември.
Според министерот за одбрана, оваа вежба е доказ за добрите односи и високото ниво на соработка меѓу армиите на Република Македонија и САД.
- На оваа вежба се покажа како американските структури ги обучуваат македонските припадници на воената полиција, како да дејствуваат во различни сценарија, а исто така оваа вежба на некој начин е потпомагање за евалуација на воената полиција на АРМ според НАТО-стандардите, изјави Јолевски.
Информира дека во текот на оваа година ќе евалуира воената полиција на АРМ за нејзината целосна интероперабилност.... со НАТО -стандардите.
Она што радува, рече министерот, е што добивме позитивни оценки од припадниците на Армијата на САД.
Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денешната вежба ја оцени за успешна. - Она што го видовме и степенот на обученост во постапките кои ги покажаа влеваат сигурност дека четата на воената полиција успешно ќе го помине оценувањето, рече Величковски.
На воената вежба беа прикажани различни содржини и практични форми на воено-полициска обука, како што се работа на контролна точка, справување со толпа, борба во урбаната средина, патролирање, како и основно и напредно гаѓање со автоматска пушка М4 која е вооружување во Армијата на САД.
Министерот Јолевски заедно со генерал-потполковник Величковски и бригадниот генерал Ѓурчиновски заминаа во посета на припадниците на АРМ кои се ангажирани за асистенција на граничната полиција на границата на Република Македонија со Република Грција.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа