Охридското Езеро порибено со триста илјади единки подмладок ендемична пастрмка

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со ендемичниот вид охридска пастрмка. Станува збор за триста илјади единки со должина од седум до осум сантиметри и тежина 2,5 до три грама, подмладок изведен од првото измолзување пастрмка спроведено на 17 јануари оваа година.

Министерот Цветков при посетата на Хидробиолошкиот завод во Охрид потсети дека за годинешното порибување на езерото со ендемичен вид охридска пастрмка се издвоени средства во износ од 7,5 милиони денари, за излов, одгледување и порибување со околу 2,4 милиони единки пастрмка.

- Порибувањето од репроцентарот во Хидробиолошкиот завод почнува со 300 илјади единки пуштени денеска на локалитетот „Вирче“, а ќе продолжи до целосна реализација во текот на овој месец . Во тек се и активностите за изведување и порибување и на струшкиот дел на езерото од Мрестилиштето кај Шум, кои се очекува исто така да завршат до крајот на септември, рече Цветков.

Цветков забележа дека независно колкави се напорите на македонската страна во заштитата на охридската пастрмка, успех во обновувањето на рибниот фонд во езерото може да се постигне само доколку такви мерки се спроведуваат и на албанскиот дел.

- Албанската страна презема определени активности, но се уште се далеку зад нас, односно не е уредено управувањето со рибниот фонд во езерото, рече минситерот Цветков појаснувајќи дека уште во јануари требало да отпочнат со работа заеднички комисии што ќе работат за заштита на пастрмката, но тоа не е сторено поради неподготвеност на албанската страна.

Истовремено тој нагласи дека независно резултатите, иницијативите за соработка во насока на заштита на рибниот фонд ќе продолжат, како со колегите од Албанија, така и со концесионерите, како и со нови мерки за што подобра заштита на рибниот фонд.

Професорот Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид истакна дека одредени податоци укажуваат на подобрување на состојбата со фондот на охридска пастрмка во езерото.

- При активностите за собирање икра за годинешниот вештачки мрест, со ист алат како минатата година за далеку покус временски рок се фатени идентичен број полово зрели единки, а за двојно покус временски рок е собрана предвидена количина икра која изнесува 2,5 милиони зрна. Тоа укажува на зголемување на популацијата охридска пастрмка, истакна Спиркоски нагласувајќи дека чувањето на рибните плодишта во текот на целата година и физичката заштита на целиот рибен фонд останува приоритет доколку се сака заштита на ендемичниот вид охридска пастрмка.

Инаку, според концесионерот што стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро на македонска страна, од 2012 година откако тие ја презеле контролата врз изловот, нивните рибочуварски служби се секојдневно на терен, со постојани рибочуварски акции спроведувани во соработка со МВР и Државниот инспекторат за земјоделство. 

- Конкретно рибокрадството како појава е драстично намалено. Ситуацијата што ја затекнавме кога ја презедовме концесијата во 2012 година беше километри мрежи поставени од Радожда до Свети Наум. Најзагрозена беше охридската белвица, ловена со забранети маломерни пловечки мрежи. Сега нема повеќе рибокрадство, туку поединци против кои се поднесувани и прекршочни и кривични пријави, рече Ристо Танасоски, сопственикот на „Пастрмка 2012“, фирмата-концесионер што стопанисува со рибниот фонд во езерото. Тој забележа дека станува збор за едни исти лица кои постојано вршат криволов на риба во Охридското Езеро.

 

 

Оцени ја веста

02.09.2015 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега