Манев: Незаконски снимени аудиовизуелни материјали не можат да бидат доказ во кривични постапки

Колку што мене ми е познато, таа одлука е на право место и во право време донесена за да почнат да се местат коцките во врска со ситуацијата во земјава заради тоа што никогаш досега во правосудниот систем не било дозволено да се користат незаконски снимени аудиовизуелни материјали.

Ваков е ставот на поранешниот судија на Врховниот суд Павел Манев, по одлуката на Основниот суд Скопје 2 дека доказите за прислушување се незаконски прибавени и како такви не можат да бидат користени во кривична постапка.  

-Јас не знам од каде им е таквото мислење дека можело тоа да се користи, дека постоел некој виши интерес да се користат такви материјали. Според мене, постои еден единствен виш интерес, а тоа е примена на Уставот и Законот. Тука се содржани сите интереси на општеството. Ако правилно се користат, ќе се види дека вака снимени аудиовизуелни материјали не можат да бидат употребени како доказ во кривични постапки. Никогаш такви материјали не биле употребувани во кривична постапка. Јас можам да кажам како било во минатото, сум бил 40 години активен судија, во повеќе судови на државата и од 1982 година до моето пензионирање сум бил судија на Врховниот суд, претежно сум работел кривични предмети и знам дека кога ќе имаше ваков случај на прибавен доказ на нелегален начин или по предлог на странката, по одлука на судот по службена должност, се одвојувале тие списи и се чувале на одредено место, вели Манев.

Тој додава дека има еден куп прописи во Законот за кривична постапка кои определуваат кога може да се сними еден ваков материјал.

-Тоа е по одобрение на јавниот обвинител, во негово присуство и на полицијата од правосудството, по барање ако е сторено кривично дело, кое е точно определено кое е тоа кривично дело, за да може да се открие сторителот. Има еден куп прописи кои определуваат како ќе се спроведе таа постапка, да не се повреди нечиј приватен интерес. Ако тоа се повреди, тогаш врз така снимените материјали не може да се заснива судска одлука. Според мое мислење, јас сум член на законодавно-правна работна група која подготвува материјали од кривичното законодавство веќе со години, знам дека тоа е нон сенс во оваа земја да се користат такви материјали како докази. Ако тоа се дозволи, би довело до анархична состојба во државата, секој би прибавил докази и би ги користел како што самиот сака, а не според правила и прописи утврдени според Законот и Уставот. Сум имал вакви случаи кога ние сме укинувале одлуки на пониските судови ако не се придржувале, а тоа било од влијание за донесената пресуда, смета Манев.

Поранешниот врховен судија дека судовите треба да бидат оставени на мира да си ја донесат својата одлука како што знаат и умеат.

-Тие секако знаат и умеат да ја донесат одлуката како што треба според Законот. Не би сакал да се пуштам и надоврзам на ситуацијата во земјата со која се врши напад во прилог или против одлуката. Мислам дека судовите ќе знаат да си ја наместат работата како што треба, заклучува Манев.

 

 

Оцени ја веста

03.09.2015 - 16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега