ММФ: Инвестициите ќе креираат 30.000 работни места во Македонија во следните две до три години

Преку 30.000 нови работни места од странски директни инвестиции ќе се креираат во Македонија во следните две до три години, објави Меѓународниот монетарен фонд во извештајот кој излезе денеска од редовната мисија во земјава, спроведена јули годинава.

Намалувањето на невработеноста во земјата е главен приоритет на македонската Влада, наведуваат монетарците и забележуваат дека стратегијата за намалување на невработеноста е всушност база за целата економска политика која ја води Владата. Од Фондот сметаат дека во мала и географски затворена економија како нашата, единствен начин за намалување на невработеноста е преку влез на инвестиции. За да привлече странски директни инвестиции македонската влада, како што забележуваат, нуди добар даночен систем и бизнис клима и ги прави потребните инвестиции во инфраструктурата. Ваквата стратегија за развој веќе дава резултати, констатираат монетарците и посочуваат дека Македонија има највисок економски раст во регионот.

Минатата година Македонија имала највисок раст во регионот со стапка од 3,8 отсто пораст на БДП. За оваа година Фондот проектира раст од 3,2 отсто, што е близу до проектираниот раст од страна на Владата. Како што забележуваат од ММФ, квалитетот на економските проекции на Владата е видливо подобрен и дека во последните две години немало отстапки од она што го планирала Владата на макроекономски план и она што го реализирала.

ММФ вели дека Владата останува посветена на стабилната фискална политика и дека стабилното управување со јавните финансии е топ приоритет на Владата. Како што се наведува во извештајот на ММФ Македонија со јавен долг од 43,7 отсто и државен долг од 36,1 отсто е меѓу најмалку задолжените земји во Европа. Истакнато е и дека долгот е резултат на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти како патна и железничка инфраструктура, енергетика и здравство, што понатаму ќе генерира раст на економијата и ќе влијае на намалување на невработеноста.

За банкарскиот систем ММФ смета дека е добро капитализиран, обезбеден со домашни депозити. Народната банка прифатила повеќе мерки за претпазливост на Европската Централна банка во контекст на грчката криза, кои сепак не ги нарушиле односите со грчките банки и компании, со кои продолжила вообичаената соработка.

Според структурните реформи девет години по ред Македонија е меѓу лидерите во светот според Дуинг бизнис на Светска банка, забележува ММФ. Освен добрите услови за странските инвеститори, ММФ ги нотира и мерките кои се носaт за подобрување на условите за домашните компании, како олабавување на казнената политика и пристапот до евтини кредити од ЕИБ.

Во извештајот на Фондот се споменува и Фондот за иновации и технологии, за кој како што велат од ММФ „ќе го зајакне иновативниот капацитет на македонската економија“. Фондот почна да функционира на почетокот на 2015 година. Од ММФ оценуваат дека тој ќе придонесе за креирање нови бизниси и работни места, особено за млади и високо квалификувани кадри.

економски.мк

 

 

Оцени ја веста

03.09.2015 - 20:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега