Хан доаѓа во Македонија на 18-ти

Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, идниот петок на 18-ти септември ќе пристигне во Македонија за да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од 2 јуни, вклучувајќи различни рокови за постапување, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Како што денеска за МИА потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, Хан, исто така, во рамки на посетата на нашата земја планира и рестартирање на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што беше исто така договорено со Протоколот од Пржино на 15-ти јули.
 
Сепак, според информациите од Еврокомисијата, неформалната Влада на Европската унија, при договарањето на точките од ХЛАД-от со македонската Влада, ставиле јасно до знаење дека доколку до 15-ти септември не биде избран Специјалниот обвинител што ќе се справува со прислушуваните материјали на СДСМ, а што е краен рок според договорот од 2 јуни, дека во тој случај Хан планира да го откаже Пристапниот дијалог и само да одржи средби со претставниците од власта, опозицијата и од граќанското општество во Македонија.
           
- Ако политичките партии не го почитуваат крајниот рок од 15-ти септември за именување на Специјален обвинител, природата на било-каква посета на комесарот ќе биде прилично поинаква, наводно порачале од Европската комисија во однос на посетата на комесарот Хан закажана за 18-ти септември..
 
Тоа значи дека во случај да не се избере Специјалниот обвинител до посочениот краен датум, според договорот од 2 јуни и Протоколот на иститот од 15. јули, тогаш Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија би отпаднал и само ќе има билатерална посета на комесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
 
- Комесарот Хан планира да ја посети Република Македонија на 18. септември, со цел да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од јуни, вклучувајќи ги и различните рокови за постапување. Состанок на Дијалогот на високо ниво (ХЛАД), исто така треба да се одржи во текот на оваа посета. Политичките партии кои го потпишаа политички договор во јуни веќе се согласија дека на средбата за ХЛАД-от треба да се вклучи сите главни политички партии, истакна портпаролката Коцијанчич во изјава за МИА.
 
Како што е планирано, координаторите на политичките партии во парламентот од позиција на Владата и претседателот на Националниот совет за европска интеграција треба да ја претставуваат опозициската СДСМ на Пристапниот дијалог со Хан, со оглед на тоа што најголем проблем е обезбедување на инклузивност во ХЛАД-от, што го бара Европската комисија, а ова целосно би го покрило тој критериум. Сепак, ова уште не е договорено, бидејќи во минатиот состав на македонското Собрание, претседател на Националниот совет за европска интеграција беше потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, додека во моментов, по враќањето на социјал-демократите во парламентот, се уште не е избран прв човек на ова собраниско тело, место кое и припаѓа на опозицијата.
 
Во однос на инклузивностана дијалогот, во Еврокомисијата сметаат дека само координаторот на пратеничката група и претседателот на Националниот совет за европска интеграција од СДСМ не би био доволно. Тие бараат најголемата опозициска партија во државата самата да ги одреди своите претставници на Пристапниот дијалог на високо ниво, што значи дека се инсистира Шеќеринска по секоја цена да учествува на истиот, со оглед на тоа што потпретседателката на СДСМ не е пратеник и на тој начин не може со актуелниот предлог да се најде во тимовите за преговори на ХЛАД-от.
 
Брисел, исто така предлага претставниците на македонските партии во рамки на ХЛАД-от да бидат лимитирани на максимум двајца-тројца по партија, а претставниците на Владата да се менуваат и ротираат на овој состанок од Пристапниот дијалог, во зависност од тоа што е на агендата.
 
Комесарот Хан, пак, сака средба со претставници на граѓанското општество, т.е. на невладините организации без присуство на претставници на власта, со тоа што неделава, претставници на канцеларијата на Европската унија ќе одржат издвоени средби со различни претставници на македонските НВО и на крајот на 18-ти септември, комесарот Хан би се сретнал со лимитирани и селектирани претставници на граѓанското општество, што претходно биле исфилтрирани.
 
- Делегацијата на ЕУ во Скопје во моментов спроведува подготвителни консултации со претставници на граѓанското општество кои, исто така, ќе се сретнат со комесарот за време на неговата посета, вели портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.   
 
Инаку, од технички аспект, Пристапниот дијалог на високо ниво е планирано да се одржи во Конференциската сала на Министерството за финансии на Република Македонија. Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, заедно со Хан и со министерот за надворешни работи Никола Попоски, предложено е да се сретнат на 18-ти утрината со претставници на граѓанското општество во Македонија. Но, и ова се уште не е договорено. Потоа, според планот, Хан би присуствувал на седница на Советот за европска интеграција, би имал официјален ручек со премиерот Никола Груевски и ХЛАД-от би започнал меѓу 13 и 15 часот, по што е предвидена заедничка изјава.
 
Но, иако официјален Брисел се согласува на посебните средби на еврокомесарот со владините претставници, тој исто така барал време од неколку часа меѓу 13 и 17 часот на 18. септември за да оствари билатерални средби со некои од засегнатите страни во државата. Ова ќе биде паралелно со консултациите на засегнатите страни што ние знаеме дека вие исто така издвоени ги организирате. Всушност, тоа значи дека Владата и Еврокомисијата во некој дел на денот на Пристапниот дијалог би имале две различни агенди и состаноци со претставници на граѓанското општество избрани по сопствен избор.
 
Инаку, Пристапниот дијалог на високо ниво, што Еврокомисијата го започна со Македонија во 2011 година, како мост до формалното отворање на официјалните преговори за членство на нашата држава во Европската унија, поради политичката криза и отсуството на опозицијата од македонското Собрание, веќе две години како се нема одржано.
 

 

Оцени ја веста

07.09.2015 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега