Полицијата во тетовско-гостиварскиот регион откри над 500 лица кои возеле без возачка

Во изминатите осум месеци од оваа година 572 лица кои управувале возила без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола биле откриени на тетовско- гостиварското подрачје, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Според Јосифовски оваа појава има нагорен тренд за што показател е податокот дека во изминатите 10 дена се откриени петнаесетина лица и тоа само на патиштата во тетовско. 

- Најбројни меѓу „дивите“ возачи се млади до 25-годишна возраст а неретко се среќаваат и малолетници кои без знаење на сопствениците на возилата или пак дури и со нивно одобрување стануваат учесници во сообраќајот и така ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите. Загрижувачка е и појавата што ваквите возачи не се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи и многу често возат побрзо од дозволеното во населени места или на отворен пат, изјави Јосифовски.

Тој апелираше до родителите да не им ги даваат возилата на нивните деца зашто вкупната глоба за овој вид прекршок изнесува 700 евра во денарска противвредност, 300 за тој што управува без дозвола и 400 за сопственикот на возилото кој му го овозможил користењето на возилото.

Како што истакна Јосифовски поради податоците од последниве неколку години што покажуваат оти  просечно годишно во Полог се откриваат помеѓу 1000-1200 поединци без возачки дозволи, претежно адолесценти, СВР Тетово во првата половина од годинава реализираше превентивно-едукативен проект „Не седнувај зад волан без возачка дозвола“Со него биле  опфатени над 4000 средношколци во Тетово и Гостивар.

- Во рамките на овој проект средношколците поблиску беа запознати со законските импликации за управување без возачка дозвола но и со потребата задолжително да посетуваат теоретска и практична обука за возач и да го положат соодветниот испит односно да се стекнат со дозвола бидејќи необучени возачи и лани и годинава беа учесници во сообраќајни несреќи со сериозни последици односно со трагично загубени човечки животи, рече Јосифовски.

Најави дека превентивно-едукативни активности со иста цел и содржина се планирани и во наредниот период со што се очекува дека ќе се придонесе за подигнување на сообраќајната свест и култура посебно на младите од полошкиот регион.

 

 

Оцени ја веста

11.09.2015 - 17:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа