Министерство за транспорт и врски: Жерновски сам си создава проблеми и ги обвинува другите

Министерството за транспорт и врски реагира на изјавите и медиумската кампања која ја води градоначалникот на општина Центар.

Во продолжение е интегралниот текст на соопштението од министерството:

Градоначалникот на општина Центар, г-дин Андреј Жерновски, во недостиг на реализирани проекти и конкретно решавање на барањата на граѓаните на општина Центар, изминативе денови прави медиумска кампања против деталниот урбанистички план кој тој самиот го изработил и го предложил на разгледување на јавна анкета.

За објавување на нацрт верзијата на јавна анкета, потребно е претходно советот на општината истата да ја усвои, а предлагач до советот е градоначалникот.

Оттука се поставува прашањето зошто општина Центар воопшто го предложила урбанистичкиот план во ова форма, а советот, чие мнозинство е од СДСМ и коалицијата, го изгласал истиот.

Повеќе од јасно е дека предложеното планско решение не е во интерес за решавање на проблемите на граѓаните на општина Центар, туку истото е во насока на злоупотреба на планирањето, чија основна намена треба да биде развој, унапредување и хуманизација на просторот.

Градоначалникот на општина Центар треба да има во предвид дека општината е исклучиво надлежна за изработка и донесување на урбанистичкиот план и без одлука на советот на општината за усвојување на нацрт-планот немаше да дојде до ваква ситуација, односно немаше да се верификува вакво планско решение.

Висината на општинската зграда исклучиво ја определува предлагачот на планот, во конкретниот случај општина Центар. Во правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање постои одредба согласно која стекнатите права со претходен план, при донесување на нов урбанистички план се почитуваат и истото е во насока на заштита на интересите на граѓаните, односно се ограничува можноста за злоупотреба при донесување на нов урбанистички план, меѓутоа доколку се јави потреба и општината одлучи, висината може да биде намалена, особено што во случајот станува збор за локација каде што е сместена општинската администрација и доколку сметаат дека постоечките простории се доволни за нормално функционирање на администрацијата, може да се ограничи висината само на приземје или да се испланира дислокација на општинските бараки и да се предвиди нов парк и зеленило, што би било во интерес на граѓаните.

Градоначалникот Жерновски самиот креира проблеми и потоа обвинува други за проблемите кои тој ги создава, веројатно, во отсуство на проекти и конкретни дела, се работи за стратегија која треба да послужи за дневен политички маркетинг, нешто што не е одговор на барањата и не ги решава проблемите на граѓаните. Маглата која ја крева Жерновски, треба да го отргне вниманието од вистинските проблеми во општината. Кога Жерновски не би говорел за ова, тогаш би требало да се осврне на проекти и дела кои очигледно ги нема.

Јавно го прашуваме градоначалникот, дали овој урбанистички план стана „проблематичен" откако под притисок на јавноста и стручните лица мораше да ја отстрани локацијата за бензинска пумпа наместо пазарчето во Буњаковец?

Градоначалникот на општина Центар уште еднаш покажа дека негова единствена заложба е исклучиво манипулирање со граѓаните на општина Центар, наместо решавање на конкретни проблеми кои ги интересираат граѓаните.

Министерството за транспорт и врски јавно изјавува дека доколку градоначалникот на општина Центар наместо општинската зграда предвиди нов парк и зеленило во деталниот урбанистички план, ќе даде согласност на планот и ќе ја подржи неговата реализацијата.

 

 

Оцени ја веста

14.09.2015 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа