Линијата „Ало докторе“ ги надмина сите очекувања

Проектот „Ало докторе“ почна да функционира пред една година и ги надмина очекувањата. Проектот почна со 13 доктори специјалисти кои одговараа на повиците на телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“, а денеска линијата функционира со 25 специјалисти, пренесе МИА.

За една година на линијата се регистрирани 51.700 повици од граѓани и од 1.000 до 1.200 јавувања на неделно ниво. 

Ова денеска го истакна директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска - Вучковиќ по повод одбележувањето од една година од функционирањето на телефонската линија „Ало докторе“.

Таа пред базата на Итната медицинска помош, каде е лоцираната телефонската линија „Ало докторе“, посочи дека потребата и интересот за овој проект е многу голема.

- За цела оваа година се покажа дека многу е важно и многу е со висок приоритет 24 часа во текот на денот да имате достапно стручно лице кое може да ве сослуша. Некогаш и само разговорот може да помогне, да даде медицински совет и соодветна симптоматска терапија или соодветно оној кој се јавува да го упати каде треба да се јави. Имаме интересни случаи годинава на „Ало докторе“, рече Баевска - Вучковиќ.

Многу пати, појасни, се најдовме на помош на самохрани родители кои не се во можност во моментот со своето дете да отидат во некоја здравствена установа, возрасни лица кои живеат сами и млади лица кои во доцните вечерни часови ја користат линијата да се консултираат со стручно лице за различни потреби.

- Другиот момент што како бенефит го имаме тоа е кон бројот 194. Бележиме значително растеретување на овој број за сите овие состојби. Претходно граѓаните го користеа бројот 194. Двата повикувачки броја се поврзани. Колегите од 194 доколку сметаат дека повикот не е за нив го префрлаат повикот на „Ало докторе“ и обратно. Околу 20 до 25 проценти телефонската линија 194 е растеретена за Скопје, а верувам и за другите центри бидејки на 02/15 123 може да се јави секој од Република Македонија, додаде Баевска - Вучковиќ.

 

 

Оцени ја веста

15.09.2015 - 16:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега