Собранието го утврди предлогот Јанева да биде избрана за јавен обвинител

 

Пратениците во Собранието на Република Македонија вечерва на 69. седница го утврдија предлогот Катица Јанева да биде специјален обвинител за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникации.

За предлогот, за кој претходно позитивно се изјасни и собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, гласаа 108 пратеници, без воздржани и против.

Предлогот Катица Јанева да биде избрана за специјален обвинител ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, кој треба формално да ја избере на новата функција.

Собранието на Република Македонија попладнево со 111 гласа „за“ го донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.

Согласно Законот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување јавен оглас, на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови, го избира јавниот обвинител, со мандат од четири години со право на повторен избор.

Работните групи на политичките партии рано изутрината се договорија Катица Јанева, обвинителка од Гевгелија, да биде специјален јавен обвинител, обврска од договорот од Пржино за надминување на политичката криза. Согласно овој договор, рокот за избор на специјален јавен обвинител кој ќе ги истражува случаите „Пуч“ и „Прислушување“ истекува денеска. Со изборот на специјален јавен обвинител се почитува уште една обврска од договорот за надминување на политичката криза во Македонија.

 

 

Оцени ја веста

15.09.2015 - 23:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега