Новиот Луна- парк ќе понуди и лежерни и адреналински содржини

По завршениот конкурс за избор на фирма што ќе го изработува основниот проект за новиот Луна-парк, победничкиот тим „Лунар”, составен од младите архитекти Kлимент Патчев, Филип Kонески, Марјан Димиќ и Борис Јурмовски-Борко, кој ја доби првата награда за идејното решение, реши јавно да го сподели својот конкурсен труд, пренесува Дневник.

Според нив, главен симбол врз кој се темели изработката на Луна-паркот е Месечината. Таа ќе биде лоцирана над едукативниот центар, ќе биде илуминирана и ќе доминира физички над паркот - објаснуваат од тимот и додаваат дека забавниот парк ќе понуди и лежерни и адреналински содржини привлечни за сите генерации.

Од „Лунар“ за Дневник објаснуваат дека целата површина на забавниот парк е дефинирана со смелиот потег на „лудата железница“, која создава единствена атмосфера во внатрешноста.

Реквизитите, според идејното решение, се организирани во зависност од тоа дали се од детски, едукативен, фамилијарен или адреналински тип.

-За да се ослободи површина за дополнителни содржини, возот го подигнавме на столбови. Предвидуваме и едукативен и мултимедијален центар, каде што може да се дознае повеќе за Месечината, другите небесни тела, астрономијата и тоа низ активностите во мултифункционалниот простор, интерактивниот простор за холограмски и 3Д-проекции, планетариумот, амфитеатарот за предавања и киносалата - истакнуваат од „Лунар“.

Освен тоа, тие имаат идеја за набљудувачка кула во која ќе има ресторан.

-Таа е позиционирана во пресечната точка на пошироката околина, каде што од висина имате единствена можност да го набљудувате целиот забавен парк, стариот и новиот дел на Градскиот парк и Зоолошката градина, како содржини на еден релаксирачки комплекс - објаснуваат архитектите за Дневник.

Освен тоа, тие предложиле две активности вон границите на забавниот парк, од кои едната е водено поврзување со каналната мрежа во Градскиот парк. Втората активност е поврзана со возот, за кој предлагаат линијата на движење да продолжи низ целата површина на Градскиот парк.

 

 

Оцени ја веста

18.09.2015 - 12:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа