Хан во Македонија: Очекуваме исполнување на Договорот

Ова време е од суштинско значење за Македонија. Сите очи се свртени кон вас да го сработите своето пред октомврискиот извештај за напредокот на земјата кој треба да ги нотира достигнувањата.

Ова го истакна еврокомесарот за проширување и соседски односи Јоханес Хан на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Тој го поздрави политичкиот договор постигнат со помош на Европската унија како важен чекор кон ЕУ, бидејќи, како што рече, покажа дека интересите на државата и на граѓаните се ставени пред партиските интереси, а сега, нагласи, важна е неговата реализација.

- Се радувам на враќањето на опозицијата во Парламентот и изборот на новиот Закон за специјален обвинител и на специјалната обвинителка. Таа ќе ја добие целата потребна поддршка за да може да си ја врши како што треба својата работа, рече еврокомесарот Хан.

Тој се осврна и на пристапниот дијалог на високо ниво за кој рече дека по политичката криза поради која беше запрен продолжува фокусирајќи се на пет специфични области нотирани од Брисел.

- Приемот во ЕУ не е работа само на Владата. Верувам дека ХЛАД-от ќе ги вклучи сите претставници од четирите политички партии кои го потпишаа овој договор и дека тие се заедно посветени и заедно одговорни за имплементацијата на идните реформски приоритети. Процесот го вклучува и граѓанското општество за чија работа е потребна добра демократија. Признавам дека вашата земја имплементираше голем број реформи. Оние кои остануваат се амбициозни и политички тешки, но тие ќе донесат вистински промени во државата, рече Хан.

Во своето обраќање тој се осврна и на кризата со мигрантите.

- Ова е време на предизвици и кризи кои бараат европско решение, рече Хан.

Тој посочи дека Брисел е свесен за проблемите со кои Македонија се соочува како транзитна држава за мигрантите и најави помош и поддршка.

Инаку, еврокомесарот Хан денеска ќе има средби со лидерите на политичките партии, а попладнево ќе присуствува и на седницата на ХЛАД-от. Тој утре, во рамки на престојот во Македонија, ќе го посети и граничниот премин кај Гевгелија со цел, како што рече, и лично да се увери каква е состојбата со мигрантите кои од земја-членка на ЕУ влегуваат во Македонија

 

 

Оцени ја веста

18.09.2015 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега