Се чекаат резултатите за водата од која се затруја дечињата од ОУ. 11 Октомври

Испитуваните физичко-хемиски параметри на осумте примероци на вода, земени вчера од ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар, одговараат на Правилникот за безбедност на водата. Резултатите од бактериолошкото испитувања на водата, како и на воздухот ќе бидат во наредните денови, соопшти денеска Центарот за јавно здравје.

Во меѓувреме се огласи директорката на училиштето Данила Костадинова која побара да не се шпекулира со причините за симптомите на труење кои се појавија кај 40-ина деца од училиштето во средата додека Центарот за јавно здравје и Институтот од Штип не ги соопштат резултатите од анализата на примероци од водата и од испитувањето на воздухот. Соопшти дека денеска дополнително биле земени и примероци од фискултурната сала на училиштето каде што вежбаат надворешни корисници. 

Лично смета дека водата не е причина за мачнина и повраќање кај учениците, кои се на возраст од шест до девет години, претпоставува дека во прашање е вироза која лесно се раширила меѓу учениците поради топлото време. 

- Да бидеме трпеливи и да ги почекаме резултатите до утре. Навистина нема никаков проблем. Јас сега пиев од водата и верувам дека во водата нема ништо. Сето ова е исценирано на друг начин. Влијание за ова што се случува има и топлината и ако имало некој вирус кој децата го донеле, поради топлината се раширил само во тие делови каде што децата најмногу си играат. Постои можност за вирус, зашто вироза има и во други училишта, но не би можела ништо да кажам додека официјално не ги слушнам резултатите, изјави Костадинова. 

Тврди дека извор на труењето не се санитарните јазли, вратите на тоалетите и други придружни елементи поврзани со хигиената затоа што тие биле средени  со сопствени средства.  

На водоводната мрежа, пак, која е стара 60 години и со која повеќе години имале проблем, било интервенирано во август по препорака на Санитарниот инспекторат кој во март направил увид и констатирал дека целата водоводна мрежа треба да се смени. Инспекторатот забележал дека се слушал шум од водата и таа понирала во некои делови на земјата, а на некои од ѕидовите на училиштето имало влага. Од Општината била пратена фирмата „Анизор“ пред крајот на учебната година и ситуацијата била разгледана.

-  На 10 август се санира дефектот кој беше причина за поголема сметка на вода во нашето училиште и проблемот со понирањето на водата, но не ни се реши проблемот со водоводот што беше во две училници со мијалници, рече Костадинова и додаде дека по поправката бил испитан квалитетот на водата. 

Од почетокот на учебната година до 16 септември немало проблеми. Тој ден во период од 11 до 15 часот околу 40 деца се пожалиле на мачнина, повраќање и малаксаност, а се чувствувала и миризба во некои училници.  Три деца биле на Инфективната клиника и се пуштени на домашно лекување. Вчера од настава отсуствувале околу 110 од вкупно 650 ученици во ООУ „11 Октомври“ зашто голем дел од родителите не ги пратиле своите деца на училиште. Тоа денеска беше затворено со одлука на директорот и во согласност со МОН како превентивна мерка.

 

 

Оцени ја веста

18.09.2015 - 15:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега