Иванов: Заев грубо и дрско ја манипулира јавноста

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денес излезе со реакција на изјавата на Зоран Заев дадена во емисијата „Вин-Вин“, во која тој вели дека ако се било нормално во Македонија преговорите за разрешување на олитичката криза требало да се водат во Резиденцијата на Претседателот на државата.

Иванов вели дека Заев со ваквата изјава лаже и грубо ја манипулира јавноста.

-Разрешницата на актуелната политичка криза започна на моја лична иницијатива. По подолг период без елементарен политички дијалог, на 10 мај 2015, утрото, лично му се јавив на Зоран Заев и го поканив на Советот за безбедност. Тој ја прифати поканата и учествуваше на седницата на Советот одржана во проширен состав. На самата седница, на политичките лидери им најавив дека наредните денови ќе свикам лидерска средба во мојот Кабинет за надминување на политичката криза. Три дена подоцна повторно му се јавив за да го поканам тој ден да учествува на лидерска средба во претседателскиот Кабинет. Зоран Заев побара да се консултира со партијата, се вели во реакцијата на Иванов.

Претседателот го повикува Заев, како што вели, да покаже образ и да ѝ објасни на јавноста и на сопственото членство поради кои причини не ја прифати поканата да учествува на лидерската средба во претседателскиот кабинет.

-Да го потсетам, аргументот што мене ми го кажа е дека не постојат никакви гаранции дека тој нема да биде уапсен врз основа на обвиненијата кои се поведени против него. Мојот Кабинет за овој разговор ги извести амбасадорите на САД и ЕУ, и под нивен притисок, Заев прифати да учествува на лидерската средба, но во Клубот на пратеници.

Кога веќе Зоран Заев сака да манипулира и дрско да ја лаже македонската јавност, ќе дополнам уште неколку работи.Првата политичка криза во 2011 беше решена со серија лидерски средби, во потесен и во проширен состав, на моја иницијатива во претседателскиот Kабинет. Кризата од 2012 по настаните во Парламентот од 24 декември, беше повторно надмината на моја иницијативата, а со учество на ЕУ и лидерите на политичките партии. Веднаш по мојата втора инаугурација, повторно го поканив Заев на средба во Кабинетот. Заев ја прифати поканата, но до ден-денес сè уште се нема појавено.

Сето ова јасно укажува на неговиот континуиран однос кон државните институции, реагира претседателот.

Тој додава дека Република Македонија има сили да ги надмине сите политички предизвици, со сопствени капацитети, но само доколку лидерите на политички партии се однесуваат одговорно кон државата, кон граѓаните и кон своето членство.

-За жал лидери од профилот на Зоран Заев очигледно недоволно ја разбираат нивната улога и одговорност,  или се заложници на концептот за уривање и дискредитирање на институциите по секоја цена. На крајот, Зоран Заев вчера кажа „ако беше се нормално во државата требаше да преговараме во резиденцијата на Претседателот“. Во резиденцијата на Претседателот секогаш нормално се преговараше кога во Македонија имаше одговорни лидери. За жал, опозицијата сега за лидер го има Зоран Заев, се вели во реакцијата на Иванов.

 

 

Оцени ја веста

18.09.2015 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега