Ставрески: Повеќе капитални инвестиции помал буџетски дефицит во 2016

Предлог-буџетот за 2016 година, што го усвои Владата, денеска го образложи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој рече дека тој има развојна компонента претставена преку повисокиот износ на капитални инвестици и стабилност за ранливите категории.

- Основни карактеристики на буџетот за 2016 година се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестици, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот, рече на прес-конференција вицепремиерот Ставрески.

Вкупните расходи според предлогот се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 6 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде има зголемување за 4,7 проценти во однос на 2015 година.

- Ваквиот сооднос, односно повисокиот раст на приходите во однос на планираниот раст на расходите ќе резултира во намалување на буџетскиот дефицит до ниво од 3,2 проценти и ќе изнесува 18.984 милиони денари, истакна Ставрески додавајќи дека намалувањето на буџетскиот дефицит во 2016 година претставува чекор во насока на реализација на фискалната стратегија за следниот среднорочен период со која се предвидува од 2017 година тој да се сведе на ниво под 3 проценти, што, пак, ќе овозможи целосно стабилизирање на нивото на долгот и одржување на умерено ниво како што е и сега.

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари.

На расходната страна, покрај средствата предвиени за повисоки пензии и социјални додатоци,  се предвидени средства повисоки за 3,3 проценти за платите или 25.906 милиони денари, за стоки и услуги се проектирани 19.618 милиони денари или 3,5 проценти повеќе од 2015 година, обезбедени се средства за изборите во април 2016 година, како и за трансфери. Како што рече, предвиени се значајни средства за здравствена заштита од 1.334 милиони денари, зголемени трансфери за единиците на локалната самоуправа за обезбедување рамномерен регионален развој, како и 141 милион евра за субвенции за земјоделците.

- Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари кои се за 12,9 проценти повеќе од оние во 2015 година, рече министерот за финансии.

Тој додаде дека повеќе средства се планирани за интензивирање на проектот на Коридорот 10 кој треба да биде готов до крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, за железничката инфраструктура 2.203 милиони денари, повеќе средства за водоводни и канализациски системи кои заедно со кредитни средства од ЕИБ и КФВ банката изнесуваат 3.047 милиони денари. За проектот за гасификација се планирани 428 милиони денари, 304 милиони денари за социјални станови, 197 милиони денари за медицинска опрема, потоа средства за реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и Клиничкиот во Скопје, средства за културни објекти, спортски, основни и средни училишта и студентски домови, универзитети, технолошко индустриски објекти и слично.

-  Станува збор за буџет кој се потпира на двата основни столба како политики што ги имавме и во претходниот период, а тоа е преку висок износ на капитални инвестиции да го помогнеме развојот на македонската економија, а од друга страна да обезбедиме стабилност посебно за ранливите категории граѓани и заштита на нивниот животен стандард преку соодветен пораст на средствата што се наменети за пензионерите, за примателите на социјална помош, рече Ставрески.

Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 проценти.  Носители на растот, како што рече, ќе бидат градежништвото, индустријата и нето извозот.

Според Ставрески, ваквиот буџет ќе овозможи и 2016 година да се заврши   умерено ниво на задолженост и да се одржи макроекономска стабилност и да се влезе во 2017 година со здрава фискална позиција што ќе овозможи и во следниот среднорочен период да се одржи умерено ниво на задолженост и да има реализација на најзначајните проекти.

 

 

Оцени ја веста

24.09.2015 - 13:07
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега