Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави одлуката за зголемување на пензиите и социјалната помош

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се огласи за измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за социјална заштита.

ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ ОД ПРАТЕНИЧКАТА ГРУПА НА ВМРО-ДПМНЕ:

На денешната 67-ма пленарна седница во Собранието на Република Македонија  на дневен ред се најдоа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за социјална заштита по скратена постапка, со кои се предвидува зголемување на средствата за пензии и зголемување на висината на социјалната и постојаната парична помош за 5% и во 2016-та година.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува и ќе ги поддржи измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и измените на Законот за социјална заштита со кои што треба и во 2016 година да продолжи зголемувањето на пензиите и социјалната и постојаната парична помош за 5%.

Имено, преку измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување ќе се подобри социјалната положба и ќе се заштити стандардот на пенионерите. Досега како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати дадовме поддршка за зголемувањето на пензиите, со што најниската пензија од 2006-та година до сега е зголемена за 70 проценти, додека пак просечната пензија во Република Македонија од 2006-та година до денес е зголемена за рекордни 84 отсто.

Како претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија, горди сме што можеме да придонесеме за остварување на потребите и интересите на пензионерите, како и за подобрување и олеснување на пензионерскиот живот.

Покрај предвиденото зголемување на пензиите, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде својата поддршка и за измените на Законот за социјална заштита, кои што исто така предвидуваат зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 5%, со кои што ќе им се помогне на околу 35 000 корисници на социјална парична помош и на околу 5 800 корисници на постојана парична помош.

Со овие измени на Законот за социјална заштита, социјалната парична помош во 2016-та година дополнително ќе се зголеми за 5%, со што со зголемувањата од 2006-та година таа ќе биде зголемена за вупно 61,8%, додека пак постојаната парична помош од 2006-та година ќе биде зголемена за 60,5 отсто.

Со овие зголемувања на пензиите и социјалната и постојана парична помош ќе бидат опфатени 335 000 граѓани кои што ќе добијат повисоки месечни примања и значително ќе се подобри нивниот животен стандарт.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со овие зголемувања на пензиите и социјалната и постојана парична помош уште една покажуваме дека тоа што го ветуваме во нашата предизборна програма, тоа и го исполнуваме.

 

Токму затоа граѓаните ни веруваат и ни ја даваат нивната поддршка да ги застапуваме и да работиме за исполнување на нивните интереси во Собранието на Република Македонија.  

 

 

Оцени ја веста

28.09.2015 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега