Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Предлог законот за царинска тарифа

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поздравува и ги поддржува измените на Предлог законот за царинска тарифа, кои веќе се во собраниска процедура и на вчерашната  67-ма седница на Собранието на Република Македонија го поминаа првото читање.  

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на владејачката партија

Со измените во Предлог законот се предвидува намалување на царинската стапка за говедска кожа, како и намалување на царинските стапки за суровини кои се употребуваат во производство на електрични кабловски инсталации со цел усогласување со висината на царинските стапки во земјите од Југоисточна Европа.

Овие измени на Законот за царинска тарифа со кои ќе се намали царинската стапка за говедска кожа, како и стапката за суровините за производство на електрични кабловски инсталации претставуваат само уште едно од огромниот број намалувања и укинувања на царинските стапки кои досега беа направени, а се во функција на олеснување и подобрување на условите за стопанисување на домашните производители, развој на македонската индустрија и поголем извоз на странските пазари.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година досега поддржа и изгласа голем број на намалувања и укинувања на царинските стапки за разни производи од повеќе сектори кои што се значајни за развој и функционирање на македонското стопанство во целост.

За таа цел, досега беа намалени царинските стапки за металпреработувачката индустрија за над 105 производи, значително намалување имаше и во транспортниот сектор со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании, се намалија царините за автобусите и минибустите од прва категорија од 10% на 5%, како и за автобусите и минибусите од втора категорија намалувањето изнесуваше од 15% на 5%, намалени се царинските стапки на лозoвите и другите садници, добиточниот и друг јачмен, слад, семе од луцерка и друго, за опремата во текстилната индустрија намалени се царинските стапки за машини за печатење на текстил, како и различни машини за шиење, во делот на фармацијата намалени се царинските стапки за течен парафин и уште многу други намалувања на царинските стапки.

Исто така, во изминативе 9 години голем број на царински стапки се укинаа кои значеа огромна поддршка за фирмите и стопанството. Како директна поддршка за компаниите од транспортниот сектор во патниот и железничкиот сообраќај се укинаа царинските стапки за вагоните и цистерните, се укина стапката од 15 отсто со цел да им се помогне на фирмите кои произведуваат автомобилски делови, се укина и царината за фолии што се користат за графичката и прехранбената индустрија, за заштита на растенијата се укинаа царинските стапки на сите видови ѓубрива, инсектициди, хербициди, фунгициди, дезинфектанти и други слични производи, кај производите што се однесуваат на текстилната индустрија укинати се царинските стапки за предиво од различни видови влакна наменети за понатамошно производство, во делот на фармацијата целосно се укинати стапките за широка лепеза на чисти супстанции за производство на лекови, исто така укинати се царинските стапки на разни екстракти и адитиви за употреба во индустријата на храна и пијалаци и уште многу други олеснувања на царинските стапки кои што значат подобрување на условите на домашните производители.

Сите овие намалувања и укинувања на царинските стапки значат директна поддршка и продолжување со мерките што се важни за македонската индустрија и кои значат намалување на оптоварувањето на фирмите со цел полесно справување со предизвиците кое го има македонското стопанство, стимулирање на инвестициите, како и поголема конкурентност на производството и извозот на светскиот пазар.   

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразуваме големо задоволство и сигурни сме дека како и досега, така и отсега, секогаш ќе даваме поддршка на законските измени и решенија кои значат подобрување и олеснување на условите за работа на македонските компании, а се во интерес на сите граѓани на Република Македонија.

 

 

Оцени ја веста

29.09.2015 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега