Експертите и граѓаните согласни: Зголемувањето на социјалната помош значајно за ранливите категории

Покачувањата на социјалната и постојаната парична помош за граѓаните од социјално ранливите категории, заедно со субвенциите за плаќање електрична енергија, за семејства кои имаат деца вклучени во средно образование, обуките и курсевите за зголемување на способностите се голема помош за подобрување на нивниот стандард и покривањето на основните потреби, сметаат експерти и претставници на невладиниот сектор. 

- Сигурно дека покачувањето на постојаната парична помош и социјалната парична помош ќе биде од корист на самите корисници затоа што можат да покријат дел од основните потреби во текот на месецот за своето семејство, изјави Сунчица Димитријевска, професор од Институтот за социјална работа и социјална политика.

Таа вели дека сите се свесни оти и сега сите потреби на овие категории граѓани не се задоволени, но, како што рече, самите корисници забележуваат дека некој ги согледува нивните потреби и се обидува да ги задоволи во обемот во којшто се може.

- Значи, корисниците ќе бидат задоволни од овој пристап, но мора да се работи на изнаоѓање нови форми на заштита, особено ако се работи за корисници кои се работоспособни, рече таа, додавајќи дека во тој случај треба да се работи на можностите тие да најдат работа бидејќи платата која би ја добиле секако би била поголема од помошта која ја добиваат.

И претседателката на Здружението на социјални работници Благородна Иванова  смета дека секое покачување поволно се одразува во заштита на стандардот на социјално загрозеното население без разлика дали се работи за работоспособно или работонеспособно население.

- Кога тие ќе се најдат во ситуација да се материјално необезбедени сите средства кои можат да ги остварат се добредојдени, рече таа.

Смета дека зголемувањето на помошта за социјално ранливите категории во изминатите неколку години за над 60 проценти заедно со другите мерки на Владата што ги овозможила е значителна помош за овие граѓани. Зголемувањето на помошта, субвенциите за плаќање електрична енергија, субвенции за семејства кои имаат деца вклучени во средно образование, можноста за обуки, прекфалификации и доквалификации се добар начин да им се помогне на овие граѓани.

За околу 30 илјади семејства во Македонија денеска им е исплатена социјална помош зголемена за 10 проценти.

Годинава социјалната парична помош беше зголемена за 10 проценти, иако планирано беше покачување од 5 проценти.

За реализација на ова зголемување за 10 проценти на ниво на една година ќе бидат обезбедени дополнителни 105 милиони денари односно 1,7 милиони евра.

Социјалната парична помош изминатите неколку години е зголемена за 61,8 проценти. 

 

 

Оцени ја веста

29.09.2015 - 13:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега