Нови работници во компаниите од зоните

Компаниите од слободните економски зони работат со полна пареа. Се зголемуваат нарачките од странство, зголеменото производство повлекува и ангажирање нови работници, пишува Лидер.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во секторите во кои се активни компаниите од зоните значително се зголемува бројот на вработени. Од јануари до август годинава кај производството на текстил, сегмент во кој е активен „Џонсон Контролс“ во Штип, бројот на вработени се зголемил за 18,9% во однос на истиот период од минатата година. Кај производството на електричната опрема („Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Кемет Електроникс“) позитивата е 23,7%, кај производството на моторни возила (белгиски „Ван Хул“) растот е над 25%.

Бројот на вработени дополнително ќе расте

Раздвижување има и надвор од зоните, кај компаниите кои на еден или на друг начинсе поврзани со работењето на компаниите од ТИРЗ, како производството на машини и уреди – во овој сегмент, бројот на работници е зголемен за 8,9%. Во делот на поправка и инсталирање машини и опрема, зголемувањето на бројот на вработени изнесува 4,5%.

„Работни места се отвораат и ќе се отвораат. „Дрекселмаер“ од Кавадарци има вработено 5.358 лица, „Кромберг и Шуберт“ во Битола има вработено 2.091 лице со план за уште илјада, „Џонсон Мети“ и „Ван Хул“ имаат по 600 работници, „Амфенол“ во Кочани 484 работници, а ќе вработи вкупно 1.500, „Џонсон Контролс“ во Штип има 1.600 луѓе, „Кемет Електроникс“ досега вработил 257, а ќе вработи вкупно 500 луѓе, „Гентерм“ во Прилеп вработил 154, а ќе вработи вкупно 2.000 луѓе. „ОДВ Електрик“ во ТИРЗ Охрид/Струга ќе вработи вкупно 1.000 лица, „Маркард“ во Велес ќе отвори 600 работни места, „Техникал Текстајлс“ во Штип 500, „КСС“ во Кичево ќе отвори 1.000 работни места, „Костал“ во Охрид е предвидено да отвори 1.000 работни места. Досега во технолошко – индустриските и во индустриските зони од странските директни инвестиции се отворија 13.441 работни места, се обезбеди егзистенцијата на 13.441 семејство“ – вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Се зголемува и бројот на македонски фирми кои соработуваат со странските компании, што придонесува за отворање индиректни работни места.

„Странските директни инвестиции вработуваат луѓе и отвораат работни места, но има и индиректен бенефит, бидејќи веќе е евидентна синергијата, односно поврзувањето меѓу странските инвеститори и домашните компании“ – објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Индустријата ќе го испорача економскиот раст

Индустријата во август забележа раст од 12,7% – покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Позитивата кај рударството е над 18%, кај преработувачката индустрија 8,4%. Ова се толкува како сигнал дека и покрај политичките турболенции, економијата е на здрави нозе и ќе биде остварен проектираниот раст.

„Ова се добри податоци, бидејќи имавме сложена политичка ситуација и растот на индустријата во такви околности претставува силен одговор на стопанството дека политичката стабилност и долгорочните економски политики се најдобрите и најважните услови за раст на економијата. Остварениот раст е значаен, бидејќи опфаќа повеќе гранки во индустријата, особено во преработувачката индустрија којашто е стожер на индустриското производство. Има раст и во работењето на странските компании, кај производството на машини и на опрема, но и во сегментот на традиционалните индустриски дејности како текстилната, производството на мебел, тутунската индустрија“ – вели Ставрески.

Според првиот финансиер, македонската индустрија годинава ќе ја заврши со добра позитива, што ќе овозможи да имаме една од највисоките стапки на економски раст во регионот.

Странците ќе креираат 30 илјади работни места

Странските инвеститори ќе креираат над 30 илјади работни места во следните две до три години – напишаа економистите на ММФ во последниот извештај за земјава. Голем број странски компании се пред носење финална одлука за инвестирање, дел активно ги градат своите капацитети во Македонија и наскоро ќе ги отворат погоните.

„Јас сум оптимист дека до крајот на годинава ќе има уште неколку потврдени инвестиции кои ќе почнат да се реализираат во текот на наредната година“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Во Бунарџик веќе седум фабрики се оперативни со активно производство: „Џонсон Мети“, „Вистеон“, „Кемет електроникс“, „Текнохозе“, „Ван Хол“, „Протек“ и „Дијатек“. Во Штип работат „Џонсон Контролс“ и „Техникал текстил“, а во фаза на изградба е погонот на италијанскиот инвеститор „Кондево“. Во ТИРЗ Охрид/Струга се гради новиот објект на „ОДВ Електрик“.

„Во првата фаза фабриката ќе има капацитет од 500 вработени, а во втората планираме двојно да го зголемиме производствениот капацитет со што ќе дојдеме до бројка од 1.000 вработени. „ОДВ“ има амбициозни планови, планираме да го зголемиме производството, да понудиме различни производи и да пренесеме нови технологии. За да го постигнеме ова ќе инвестираме во обуки и во надградба на вработените“ – вели директорот на компанијата, Лудвиг Батон.

Невработеноста на рекордно ниско ниво

Невработеноста во земјава е на рекордно ниско ниво – 26,8 проценти. Споредено со претходниот квартал, невработеноста се намалила за половина процентен поен или за 5.500 луѓе, а во однос на истиот период од минатата година, бројот на невработени се намалил за над 13 илјади лица. Само со проектот „Македонија вработува“, според последните податоци, отворени се речиси 6.700 работни места.

 

 

Оцени ја веста

04.10.2015 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега