СДСМ се откажува од дијаспората: Не сака да имаат пратеници, ниту право на глас

СДСМ се откажува од дијаспората и бара тие да останат без своите претставници во Законодавниот дом, како и без право на глас.

Тоа е резултат на слабата поддршка која партијата на чие чело е Зоран Заев ја има во Македонија. Дополнително, недовербата која граѓаните ја имаат во СДСМ станува повидлива ако се земе предвид и дијаспората.

Не постојат логични ниту издржани причини македонските иселеници да немаат свои претставници во Собранието, освен личните интереси и причини на СДСМ.

Тие се гледаат во неспособноста на нивното партиско  членство да работи и да ја добие поддршката од Македонците во дијаспората кои СДСМ ја обвинуваат за многу чекори особено лошото економско работење со државата за време на нивните мандати.

Дијаспората конечно по неколку децении, за прв пат доби право на глас и свои претставници во македонскиот парламент. Нема човек од дијаспората кој не го поздрави ваквиот чекор како исправање на голема неправда, но и чекор кој е во насока на градење на трајни врски со иселениците кои се македонски државјани.

Сите македонски здруженија од дијаспората излегоа со осуда на ваквиот предлог на СДСМ.

Македонските иселеници и порачаа на македонската опозиција дека нема да дозволат да им се одзеде правото да гласаат бидејќи тие се нераскинлив дел од македонското ткиво.

-Бараме да се гарантира избирачкото право на сите државјани на Република Македонија кои живеат надвор од нејзините граници и истото да не биде предмет на политички калкулации. Да се олесни процедурата за пријавување и остварување на гласачкото право на лицата кои веќе еднаш гласале во дијаспората и да се овозможи без било какви ограничувања да се оствари избирачкото право во најблиската амбасада во рамките на една изборна единица, се вели во соопштението од Македонското друштво „Скопје“.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека ги осудува сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.

- За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението на ОМД.

ОМД укажува дека дијаспората е клучен партнер на Република Македонија и е интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата. Дијаспората директно придонесува 18-20 проценти од домашниот бруто производ на Република Македонија, а придонесува и за зголемување на локалната економија во земјата. Историски, Македонците надвор од матичната држава се бореле за незавизна, слободна, и суверена Македонија и откако оваа цел во 1991 год. се постигна, дијаспората продолжи да биде важен фактор за стабилноста и компетитивноста на државата. Затоа, според ОМД, дијаспората мора да продолжи да го ужива своето универзалното право на глас и да биде претставена преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија.

„Ги повикуваме сите политички субјекти во Република Македонија да не се пазарат со основното демократско право на македонската дијаспора, да избира и да биде избрана за да влијае на општествените текови во татковината“, се вели со соопштението на Македонската алијанса.

За Македонската Алијанса избирачкото право е основно политичко право на граѓаните и претставува обележје на современите, демократски, плуралистички држави кое е загарантирано со Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.

-Ние сме свесни дека веројатно има одредени прашања кои можат да се подобрат, но секој почеток е тежок и секогаш постои можност правилата да се унапредат врз основа на претходните искуства. Ние имаме разбирање за фрустрацијата на одредени политички партии, кои својот неуспех да се наметнат програмски во дијаспората сакаат да го решат со иницијативи за укинување на нивното право за гласање, вели Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, претседател на Македонската алијанса.

„Иднината на нашиот народ и држава е оставена во рацете на мала група политичари кои сакаат да си поиграат со националните чувства на македонската дијаспора, нашите граѓански права, но и должности како македонски државјани без оглед на фактот што сме на привремен престој во странство“, реагираат од Советот на Македонска Заедница, национален центар Детроит.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана строго ги осудува сите напори кои би го одзеле правото на Македонците надвор од Република Македонија да гласат за претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.

-За нас, предлогот за одземање на правото на глас  на Mакедонците надвор од Република Македонија претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување на Mакедонците надвор од Република Македонија. Бидејќи ние Mакедонците надвор од Република Македонија сакаме да учествуваме во градењето на слободна и демократска држава, имаме  право најпрво заради нашето потекло, грижа и нераскинлива врска со татковината. Македонците надвор од Република Македонија се клучен партнер на Република Македонија и  интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата,реагираа тие.

Македонците кои живеат во Словенија велат дека нема да дозволат да им биде одземено правото на глас.

-И ние деца сме на Македонија, и ние секојдневно учествуваме во градењето на современа и самостојна Македонија и нема да дозволиме политичари од типот на Заев да ги деградираат придобивките, правата и обврските на диаспората. Делуваме на сите подрачја промовирајки ја нашата Македонија, работиме на подобрувањето на македонскиот имиџ во светот, остваруваме нераскинливи пријателства. Ги култивираме кај нашите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници, да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби, да ги величи и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци и, со се што прави, да создава пријатели на Македонија, стои во реакцијата.

Македонците од Австралија остро реагираат на барањата да им се укине правото на глас.

-Гласачкото право на Македонците во Австралија има големо значење за македонската дијаспора зашто со овој чин ние кои живееме на просторите од овој далечен континент се почувствувавме поблиску до нашата родна татковина. Овој чин го почувствувавме како повик и ние да го дадеме нашиот допринос за развојот и просперитетот на Македонија. Како што на многумина ви е веќе познато бројот на македонски бизнисмени кои инвестираат во Македонија рапидно се зголемува секоја година напредно со годишните посети од Македонците кои живеат во Австралија. Правото на глас на Македонците во дијаспората им овозможува и тие да имаат свој дел во предлозите за промени на регулативни мерки со кои ќе се забрза трговската размена меѓу Македонија и Австралија, туризмот, инвестирањето во инфраструктурите, условите за инвестирање во нови бизниси како и соработка на културен и образовен план, велат тие.

Осамна информација низ медиумите во Македонија за барањето на опозицијата за укинување на фундаменталното право на секој македонски државјанин кој живее надвор од Македонија, да гласа во својата матична држава. После многу годишната борба на нашата дијаспора, како нераскинлив дел од македонското битие во секое поле од нашето општество, конечно го добивме нашето право за активно учество и креирање на македонската политичка сцена, велат од Здружение на Македонци во Копенхаген, Данска.

-Следејќи ги нашите соседи кои на секој начин се борат за активно учество на нивната дијаспора во нивниот политичко-општествен живот, нашата опозиција упорно бара да се укине тоа право на македонските граѓани кои живеат надвор од границите на Македонија. Уште повеќе од ова нивно барање, боли штуриот аргумент во кој објаснуваат дека гласањето надвор од Македонија било многу скапо. Во тој момент забораваат на огромната сума на директен прилив на финансии кои нашата дијаспора ги вложува во Македонија, се вели во нивното соопштение.

Со овој предлог, според нив, опозицијата директно се заложува за отуѓување на македонската дијаспора од својата матична држава, потег кој би можел да има фатални последици кон Република Македонија.

-Ние сметаме напротив, дека Република Македонија треба уште повеќе да ја вклучи дијаспората во македонското општество, бидејќи ние како македонци кои живееме надвор од Република Македонија, во нашето секојдневие постојано ја претставуваме Македонија во земјите каде што живееме. Нашиот придонес кон Р. Македонија во вид на граѓанска дипломатија онаму каде што живееме е од непроценлива корист за Македонија и затоа категорично и жестоко го отфрламе предлогот на опозицијата за укинување на правото на глас на македонската дијаспора во Р. Македонија, додаваат од Здружението.

- Да ни се оспорува правото на глас за нас е болно. Тоа е многу негативно за Македонија како демократија и за нас иселениците кои од било кои причини сме надор од Македонија, да не можеме да го оствариме тоа симболично право. Се надеваме дека и опозицијата ќе се свести, ќе знаат што прават, дека нaвистина ова е катастрофа. Ние овде сме научени да се бориме,  ане да се предаваме така лесно. Тешко ни е и ќе го откажеме, тоа е лесно, откажи ова, откажи она, што ќе остане на крајот за нас , вели претседателот на „Обединетите Македонци“ од Торонто  Мендо Бакалоски и додава дека широката географска раширеност е причина некои од иселениците да мора да патуваат и до 150 километри за да мора да гласаат.

Ова се само дел од реакциите кои пристигнаа од Македонците ширум светот. Дијаспората нема да се откаже од своето право на глас, му одговарало тоа на Заев или не. СДСМ им врти грб на македонските иселеници поради очајната поддршка која ја имаат од народот.

 

 

Оцени ја веста

04.10.2015 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега