Литванските бизнисмени заинтересирани за инвестиции во Македонија

Литванските бизнисмени се заинтересирани за искористување на потенцијалите за инвестирање што ги нуди Македонија. На денешниот бизнис форум што се одржа во Вилнус, владината делегација на чело со премиерот Никола Груевски, ги запознаа литванските бизнисмени со можностите за инвестирање и поволностите што државата им ги нуди на странските инвеститори.

Претседателот на Стопанската комора на Литванија, Валдас Сутрус изјави дека литванската Стопанска комора како организација, која обединува 19 бизнис асоцијации и над 1.500 компании, смета дека желбата за соработка и можноста за инвестирање што ја нуди Македонија ќе им помогне на литванските бизнисмени да ги искористат бенефициите и поволностите кои ги нуди државата. 

Според него, Македонија е добар пример за тоа како се исполнуваат добри предуслови за развој и напредок на бизнисите и оти таа привлекува интерес со инвестициските можности кои се на располагање. Истакна дека како комора ќе ги стимулираат своите членки да направат анализи за искористување на македонските потенцијали во функција на ширење на својот бизнис.

На бизнис форумот на кој учествуваа бизнисмени од информатичко - комуникациската технологија, прехранбената индустрија, трговијата и туризмот, премиерот Груевски ги потенцираше достигнувањата на Македонија на полето на економијата укажувајќи дека она што ја издвојува државата од останатите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа е нејзиниот брз напредок на листата на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Доинг Бусинесс“ извештај на Светската Банка, и тоа веќе неколку години по ред.

- Република Македонија се наоѓа на дваесет и третата позиција меѓу 185 земји од светот и е највисоко рангирана и оценета за условите за водење бизнис во однос на било која транзициска економија од Југоисточна Европа, а во однос на условите за основање бизнис, Република Македонија се наоѓа на петтата позиција во светски рамки, истакна Груевски.

Тој посочи дека во Македонија е воведена единствена даночна стапка од само 10 проценти на персоналниот данок на доход и 10 проценти на данокот на добивка, а е ослободена од оданочување на задржаната добивка.

Истакна дека се отвораат уште три технолошко-индустриски развојни зони во Штип, Тетово и втора зона во Скопје, а планирани се уште седум нови зони.

- Тие нудат низа поволности како што се ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, даваме субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување, нагласи Груевски.

Премиерот додаде дека поволностите и инвестициските можности што ги нуди државата придонеле значајни фирми да инвестираат како што се „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“, „Кромберт и Шуберт“, „Дрекслмејер“, „Виндтек Интернешенел“, „Протек Групацијата“ и многу други компании.

Потенцирајќи ја макроекономската стабилност и ниската стапка на инфлација, тој ги покани претставниците од литванската бизнис заедница да ја посетат Република Македонија и да се уверат во нејзините потенцијали.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски ги потенцираше реформите во образованието, како и поволоноста за инвестирање во информатичката технологија. Тој посочи дека на литванските бизнисмени во Македонија им е достапна добро образована работна сила што претставува значајна компаративна предност.

Заменик министерот за економија Христијан Делев ги претстави можностите за инвестиции во енергетиката, туризмот и земјоделството, задржувајќи се на поволностите за инвестирање кои Владата ги овозможува во овие сфери и објаснувајќи ги конкретните проекти и можностите за реализација на инвестиции и бизнис во овие области.

Трговската размена меѓу Македонија и Литванија остава простор да бележи тенденција на зголемување. Во  2012 година, вкупната трговска меѓу двете земји изнесуваше 4,3 милиони американски долари, од кои извозот  2,5 милиони долари, а увозот 1,8 долари. Во периодот од јануари  - април 2013 година, размената изнесуваше 840 илјади долари, од кои извозот 539 илјади долари, а увозот 301 илјади долари.

Бизнис форумот во Вилнус се одржа на маргините на политичката посета на македонската владина делегација на Република Литванија. Бизнис форумот се одржа во организација на Стопанската комора на Литванија. 

најчитано сега