Владата ги зголеми субвенциите за привлекување странски туристи

Во насока на обезбедување на услови за продолжување на трендот на позитивен и континуиран раст на туризмот, Владата одлучи од следната година да се зголемат субвенциите за домашните тур-оператори за привлекување на туристи од странство.

Овие одлуки за зголемување на субвенциите добија верификација од Владата на минатата седница и тие ќе бидат внесени во Правилникот за начинот, видот и висината на субвенциите на странскиот организиран туристички промет. Со тоа ќе се овозможи висината на субвенции за чартер превоз да се зголемат од 25 евра на 65 евра за Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција и Шпанија и истите да почнат да се применуваат од 01.01.2016 година.

Исто така, ќе се овозможи висината на субвенции за чартер превоз да се зголемат од 25 евра на 35 евра за Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија и истите да почнат да се применуваат од 01.01.2016 година, а од 01.01.2017 истите да се зголемат од 35 евра на 45 евра.

Туризмот бележи континуиран раст во изминатите неколку години, кој е резултат на владините политики, како што се субвенциите, промоцијата на Македонија како туристичка дестинација, намалувањето на ДДВ за туризам од 18 на 5%, евтините финансиски инструменти за инвестиции во туристички капацитети, изградбата ан плажите, капиталните инвестиции кои ја збогатуваат туристичката понуда, но и на инвестициите во капитални проекти кои обезбедуваат подобар транспорт и достапност како што пред се изградбата и модернизацијата на аеродромите во Скопје и Охрид, финансирањето на евтините авио летови до над 15 европски метрополи и голем број на други проекти

Со новите субвенции Владата цени дека ќе придонесе за продолжување на тој позитивен тренд.

-Цениме дека со овие одлуки на Владата за зголемување на субвенциите за привлекување на туристи од странски земји ќе се продолжи со позитивниот и континуиран раст на туризмот и на останатите стопански гранки кои се поврзани со него, особено ако се има предвид дека по претходно направените анализи контактите кои се направени со туристички оператори од овие земји каде што ги зголемуваме субвенциите, постојат сериозни и цврсти можности дека во следниот период ќе имаме раст на бројот на туристи од земјите каде што ги зголемуваме субвенциите или, пак, ќе обезбедиме прилив на туристи од земји каде што досега традиционално немало некаква навика за посета на Република Македонија, што се разбира дека ќе значи позитивни ефекти за самите туристички компании во земјата, но и за обезбедување на поголем девизен прилив и подобрување на општиот економски раст на нашата земја, истакна портпаролот на Владата на Р.М. Александар Ѓорѓиев.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во август 2015 година изнесува 168 851, а бројот на ноќевањата изнесува 722 624.

Бројот на туристите во август 2015 година, во однос на август 2014 година, е зголемен за 16.1%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 14.7%.

Бројот на домашните туристи во август 2015 година, во однос на август 2014 година, е зголемен за 13.0%, а бројот на странските туристи е зголемен за 20.8%.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во август 2015 година, во однос на август 2014 година, е зголемен за 11.7%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 25.0%.

Во периодот јануари - август 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 10.1% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5.2%, а кај странските има зголемување за 14.2%.

Во периодот јануари - август 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 8.3% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6.4%, а кај странските има зголемување за 11.7%.

 

 

Оцени ја веста

15.10.2015 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега