Љупчо Димовски: СДСМ во недостиг на аргументи, вешто избегнува да говори за земјоделството и земјоделците

Денес продолжи расправата по точката од дневниот ред каде на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија пратениците веќе трет ден дебатираат по Предлог-Буџетот за 2016 година.

На денешното второ продолжение на комисиската расправа своја реплика кон пратеникот Горан Мисовски имаше и пратеникот од владеачкото мнозинство Љупчо Димовски, кој како што рече како поранешен министер за земјоделство највеќе ќе се задржи на земјоделството во Република Македонија. 

„Благодарам што се отвори прашањето за земјоделството кое што опозиционите пратеници многу вешто избегнуваат да го говорат заради тоа што немаат ни аргументи за тоа“, вака ја почна својата реплика пратеникот Љупчо Димовски. 

Тој понатаму во својата реплика се осврна на обвинувањата од страна на пратеникот Мисовски во врска со инвестицијата која требаше да ја реализира компанијата Сахара Македонија која впрочем според него, претставувала голем предизвик за аграрот во Македонија.

 „Тоа е голем предизвик за македонскиот аграр и лично жалам што тој не се реализира од објективни причини. Но дали не е постапено согласно договорот и согласно Законот и дали не е наплатена банкарската гаранција која што е составен дел од тој договор? Наплатена е, 5 милиони евра ! Дали е оштетена државата, не е !“, констатираше Љупчо Димовски. 

Со цел да се разобличат паушалните изјави и настапи на некои од опозицоните пратеници, пратеникот Димовски ја искористи собраниската говорницата и се обрати лично и директно до земјоделците во Република Македонија во врска со неколкуте обвинувања од страна на пратениците од опозицијата за земјоделската политика во Република Македонија.

Во делот за редовната исплата на субвенциите тој напомена дека пратениците од СДСМ воопшто не ја следеле работата и спроведувањето на политиката на Владата и министерството за земјоделство. Според него, таму има посебен распоред на исплата на субвенции кој што е составен дел од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Тој исто така се задржа и на исплатата субвенции за зелената нафта, каде пратениците од опозицијата даваат погрешни примери на земји каде се исплаќала зелена нафта.

„Првата држава е Хрватска, погрешно. Таму се исплаќа сина нафта. Тоа е за покривање на трошоците во стопанскиот риболов. Втората држава е Бугарија, повторно погрешно. Таму е веќе прекинато со практикувањето односно со искористувањето на овој вид на субвенција. И третиот пример е Србија каде што навистина се ислпаќа зелена нафта по единица површина. Но зошто се дава зелена нафта во Србија? Затоа што субвенциите за индивидуалните земјоделски производители по единица површина изнесуваат 47 евра за хектар. Слушајте внимателно, во Република Македонија се исплаќаат 200 евра по единица површина. Дали Вие сакате да ја намалите висината на субвенцијата по единица површина? Тоа треба да им го објасните на земјоделците! “, нагласи пратеникот Димовски.

Димовски во продолжение даде објаснување и во врска со распределбата на земјоделското земјиште во Република Македонија. 

 „Се зборува за ревизија на распределбата. Тоа е во ред, но треба да се има и на ум дека околу 80 илјади хектари во изминатите 8-9 години се распределени на 7990 индивидувални земјоделски производители. Но спорно е тоа што до 2006 година во време на СДСМ 94 илјади хектари се распределени само на 412 корисници, во однос на 80 илјади хектари на точно 7994 корисници. Тоа е разликата“, потсети Љупчо Димовски.

На крајот Димовски даде образложение и во врска со делот за водостопанството во државата каде напомена дека Владата издвојува 20 милиони евра годишно реконстукција, рехабилитација и проширување на водостопанските ситеми за наводнување и за изградба на капиталните инфаструктурани објекти кои што треба да придонесат за подобрување на водоснабдувањето во државата, но и на самите земјоделци. 

„Зошто состојбата во водостопанството е таква каква што ја кажувате? Точно, лоша. Но, затоа што во 2004 година се потпиша договор со една меѓународна организација со која што покрај веќе уништеното работење на водостопанските претпријатија дојде до комплетна девастација водостопанскиот систем. Сето ова во 2004 не кошташе 20 милиони долари, а всушност ние изгубивме многу милиони евра. Толку изнесува штетата од тој договор и од тој проект кој што една претходна Влада го има направено. Колку се подобри, видовме“, заврши Љупчо Димовски.

 

 

Оцени ја веста

15.10.2015 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега