Капитални инвестиции за забрзан раст на економијата и подобар стандард

Рекордно низок буџетски дефицит и историски најголеми суми за капитални инвестиции, повисоки пензии и социјален надомест. Вака може да се опише буџетот за наредната 2016 година, со кој се очекува поттикнување и развој на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, пишува Лидер.

Рецептот кој се покажа успешен, ќе се применува и понатаму. Државната каса за наредната година се заснова на две насоки – висок износ на капитални инвестиции за да му се помага на стопанството, и истовремено зголемување на средствата за најранливите категории, да се заштити стандардот. Владата за в година очекува економски раст од четири проценти, поттикнат од градежништвото, индустријата, порастот на нето-извозот, подобрувањето на кондицијата на европската економија, а големо влијание треба да имаат и капиталните инвестиции и јавната потрошувачка.

Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари и се за 12,9 проценти повеќе од тие во 2015 година. За капитални расходи се планираат 408 милиони евра. Од нив, за делницата на автопатот Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10, која треба целосно да биде завршена во 2016 година, се предвидени 42 милиона евра, уште 36 милиони се обезбедени за железничкиот транспорт, 50 милиони се за водоводни и канализациски мрежи.

Во државната каса има пари за реконструкција на студентските домови, за училиштата, градинките. Во делот на здравството, планирана е реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и за Клиничкиот центар во Скопје. За земјоделците се одвоени 141 милион евра за субвенции.

Владата в година планира да потроши 3 милијарди и 183 милиони евра, а да собере 2 милијарди 874 милиони, што значи дека буџетскиот дефицит ќе биде понизок во однос на годинава и ќе се позиционира на 3,2 проценти, односно ќе изнесува 309 милиони евра. Во државната каса треба да се соберат за шест отсто повеќе пари од годинава, а расходите се зголемени за 4,7 отсто. Инфлацијата се очекува да биде два процента.

„Повисокиот пораст на приходите во однос на планираниот пораст на расходите ќе резултира со намалување на буџетскиот дефицит, што претставува чекор во насока на реализација на фискалната стратегија со која се предвидува од 2017 година тој да се сведе на ниво под три проценти, што ќе овозможи целосно стабилизирање на нивото на долгот и негово одржување на умерено ниво, како што е и сега“, објаснува министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Развоен буџет за потребите на економијата и граѓаните

Освен парите за капитални проекти, кои буџетот го прават развоен, во него е задржана и социјалната компонента, со која е пресметано зголемување на пензиите и на социјалниот надомест.

Проекциите на буџетот за наредната година, како добри и развојни ги оценуваат и бизнисмените и експертите и пензионерите. Бизнисот очекува капиталните инвестиции да внесат поголема динамика во економијата, особено во градежниот сектор, кој е поврзан со уште 26 други гранки.

„За бизнис- заедницата, значаен е развојниот сегмент на буџетот, пред сѐ преку реализација на капитални инвестиции, изградбата на автопатите, регионални и локални патни правци, модернизација на железничкиот транспорт, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори“, смета претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Сето ова значи ангажман на домашните компании, особено во градежништвото, кое понатаму повлекува и други 25 гранки што работат со нив. Веруваме дека индустријата и градежништвото ќе бидат носители на порастот во 2016 година – нагласува Арсовска.

Ќе растат пензиите 

И пензионерите се задоволни од последното покачување на пензиите, но и од тоа што е најавено за в година.

„Додека во другите земји пензиите се намалуваат, кај нас и понатаму се зголемуваат и, секако, тоа е за поздравување. Со вакво зголемување секоја година, пензионерите се задоволни, а треба и сите да бидат позадоволни. Се зголемува куповната моќ и се зголемува самата основа на пензијата. Јас како претседател на Сојузот на здруженија на пензионери, а и повеќе пензионери тоа го поддржуваме како една придобивка бидејќи многу сме дале на државата и заслужуваме државата да се грижи за сите пензионери за да имаат достоинствени услови за живот и во третата доба“, смета претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски.

Според него, пензионерите ќе бидат радосни што и в година ќе имаат не само ново зголемување на пензиите, туку и ќе продолжат и бесплатната бањско- климатска рекреација за 5.500 пензионери и бесплатниот туристички викенд за 3.000 пензионери.

Економијата стабилна, потврден кредитниот рејтинг

Рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија од ББ-, со стабилен изглед, што според аналитичарите претставува исклучително добар сигнал за странските инвеститори.

Растот, според агенцијата во следните четири години ќе биде поддржан од започнатите капитални инвестиции, од приливите од странските директни инвестиции, како и од континуираниот раст на извозот.

„Стандард и Пурс“ забележува и раст на личната потрошувачка, поддржана од ниската инфлација, што придонесе за економскиот раст. Нивото на јавен и државен долг, останува умерено. Нивото на девизни резерви е високо, а банкарскиот сектор е стабилен и добро капитализиран.

 

 

Оцени ја веста

19.10.2015 - 08:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега