Ниските даноци во Македонија магнет за странските инвеститори

Даночните стапки се еден од клучните елементи кои го привлекуваат вниманието на странските инвеститори кога бираат место за развој на своите компании, а Македонија со ниските даноци може да се смета за победник во овој сегмент во натпреварот меѓу државите за привлекување странски инвестиции.

Според неодамна објавениот извештај на „Бизнис инсајдер“, Македонија има најниска вкупна даночна стапка во светот и се најде на првото место на листата на 18 рангирани земји. Ова секако е круцијално за странските инвеститори да донесат одлука да вложат во Македонија, а со тоа да отворат нови работни места - цел која си ја има поставено Владата.

Македонија останува земја со најниски даноци за разлика од поголем број земји, кои поради глобалната криза го зголемија ДДВ-то или пак воведоа нови даночни оптоварувања.

Во последните девет години, во земјава се направени крупни реформи за подобрување на бизнис климата, а како резултат на тоа, голем број странски инвеститори од САД, Британија, Германија и Италија донесоа одлука да отпочнат бизнис во земјата. За многумина странски инвеститори, Македонија е рај за инвестиции поради владините реформи кои ја направија земјава најатрактивна за инвестирање.

- Оние кои најмногу инвестираа во Македонија во последните години се компании главно од САД, Германија, Велика Британија и од Италија. Македонија има најниски даноци во светот со вкупна ефективна даночна стапка од 7,4%. Единсвена земја од 140 економии со стапка пониска од 10%“, изјави на бизнис форум во Мадрид, премиерот Никола Груевски.

Покрај странските, и домашните компании ги користат поволностите на ниските даноци во земјава. Пакетот за малите и средните претпријатија, којшто го спроведува Владата содржи 11 мерки кои на фирмите им носат олеснување од стотици милиони евра годишно.

- Даночната стапка во Република Македонија е најниска во светот со ефективна стапка од 7,4 отсто. Таа ја уживаат сите мали и средни претпријатија. Тоа значи дека преку ниските даноци малите и средни претпријатија добиваат стотици милиони евра годишно. Тоа што тие го остваруваат како профит во нивното работење не им се одзема од државата, па државата преку распеределба да им го враќа назад што е посложено и понеефикасно, туку им останува сами да го раководат, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, додавајќи дека за микро и малите фирми од 2011 година даночната стапка изнесува 0 отсто.

Дополнително, трошокот за фирмите е олеснет со намалување на стапките на придонесите за пензиско и здравствено осигурување и за вработување. Како поддршка на повеќе индустриски гранки за голем број производи ДДВ-то е намалено од 18 на 5%, вклучувајќи ги и  услугите во туризмот. Царинските стапки, истоа така, се меѓу најниските во регионот.

- Пондерираната царинска стапка е 1,75 отсто и е за 50 отсто пониска во однос на 2006 година. Преку 12 милиони евра годишно се поддржуваат македонските фирми со намалувањето на царинските стапки секоја година. Тоа се 108 милиони евра само по овој основ, нагласува Ставрески.

Поволност за компаниите е и тоа што се олабавува казнената политика. Со измените на законите кои се направени, македонските претпријатија ќе бидат сразмерно казнувани согласно големината на фирмата и можностите, а малите и средни претпријатија ќе имаат најголемо намалување на казните.

Македонија е најпривлечна дестинација за странските инвеститори во регионот. Тоа го потврдија и српските бизнисмени кои бараат од нивната Влада да понуди подобри услови во слободните зони, како компаниите наместо во Србија не би вложувале во Македонија, која според нив има попривлечни услови за бизнис.

- Единаесет странски компании наместо во Србија, решиле да инвестираат во Македонија, соопшти Српската стопанска комора. Српските бизнисмени констатираат дека Македонија нуди подобри услови и инфраструктура за бизнис отколку нивната земја, па затоа сметаат дека е потребно да понудат уште многу погодности за да станат привлечна бизнис дестинација како нивниот сосед.

Подобрите услови за работа и подобрата бизнис клима ја прават Македонија најпосакувана дестинација за инвестиции во регионот. Наместо кај нас, странски инвеститори заминуваат во Македонија- тврдат српските бизнисмени.

И додека во соседството, надлежните мака мачат да донесат нов странски инвеститор, во земјава константно се најавува влез на нови странски компании. Само за следниот месец е најавен влез на две реномирани американски корпорации од автомобилскиот сектор, кои треба да отворат нови 2.000 работни места. 

 

 

Оцени ја веста

23.10.2015 - 15:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега