Република: Опозицијата ги игнорира идеалите на основоположниците на македонската револуционерна борба

Македонија веќе девет години на 23 Октомври го празнува Денот на револуционерната борба, но овој важен датум од македонската историја е оспоруван од СДСМ уште од осамостојувањето на државата. И овојпат опозицијата реши на срамен начин целосно го игнорира празникот. Никој од раководството на СДСМ немаше доблест да положи цвеќе пред споменикот на хероите на ВМРО за да им се заблагодари за нивната саможртва, како што тоа го направи партиската делегација пред споменикот на НОБ на 11 Октомври. Ниту некој од опозицијата се поклони пред јунаците, ниту некој од нив испрати честитка до македонските граѓани, пишува Република.

Нивното дело нека им служи на чест, но зошто реално на опозицијата и пречи денот на кој пред 122 години шестмина македонски револуционери ја формирале историската ВМРО?

Зарем СДСМ не ги дели идеалите на основачите Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, но и на Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули… за слободна и независна Македонија? Зошто во сите овие 24 години независност упорно го негираат историското минато и свесно го цепат македонското национално ткиво? Зошто така безобразно се откажаа од наследството кое ни го оставиле во аманет нашите предци? Зошто со години се обидуваат да го изобличат македонскиот генетски код? Тие дури немаат проблем да се откажат и од својот народ, од секој поединец кој ја сака својата земја слободна, од секој оној што не се согласува некој друг да ни ја крои судбината…

Со години наназад обвинуваат дека ВМРО ДПМНЕ го партизирала празникот, но тоа апсолутно не е точно. Денот на Македонската револуционерна борба не е Ден на ВМРО ДПМНЕ. СДСМ е таа која со својот став го партизира празникот и му го отстапува овој светол датум на својот политички противник.

23 Октомври, не му припаѓа ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ ниту пак на било која политичка партија во државата. Овој ден е празник за секој вистински Македонец, за секоједен што ги почитува и ги следи идеалите на Татарчев, Поп Арсов, Груев, Делчев, Карев, Гули, Сандански и останатите херои на македонската револуционерна борба.

Една од тезите со кои опозицијата сака да добие поени во јавноста е ветувањето дека празникот на македонската револуционерна борба има само времен карактер. Според нив тој ќе биде празник само додека владее ВМРО ДПМНЕ која што со воведување на овој ден како државен празник сакаше да го одбележи Македонската револуционерна организација во Солун.

Од оваа позиција интересно ќе биде да се види кој е тој „јунак“ меѓу нив што ќе има храброст да ги поништи сеќавањата на 23 октомври 1893 година кога во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун шестмина млади луѓе ги поставиле темелите на македонската борба за сопствена држава? Кој ќе се осмели по кратка постапка да им суди на Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев? Тие што сега само испраќаат пораки дека ќе го поништат овој важен дел од македонската историја мора да знаат дека формирањето на конспиративна група наречена Македонски револуционерен комитет за денешните Македонци има најмалку иста важност како и Илинден 1903, АСНОМ и Илинден 1991 година, пишува Република.

Заканите дека Денот на револуционерната борба по наредната смена на власта ќе биде само обичен ден на кој ќе се оди на работа ќе биде доказ дека тие што се закануваат немаат познавање ниту на состојбите во 1893 година, а уште помалку за состојбите и ставовите на најголем број Македонци денес. Со негирањето на овој датум СДСМ само потврдува дека за неа воопшто немаат никакво значење ниту жртвата на нашите предци, ниту државата која ни ја оставиле да ја чуваме во наследство.

Да бевме нормална држава, а СДСМ да беше државотворна партија, ваков празник ќе беше предложен уште во времето на нејзиното владеење.

На тој начин ќе се спречеше тивкиот бојкот на сите настани кои што се организираат во чест на Денот на револуционерната борба.

 

 

Оцени ја веста

24.10.2015 - 11:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега