Полициска акција: Падна познат скопски бизнисмен за криминал од половина милион евра

Скопјанец сопственик на приватна фирма и сметководител се осомничени дека фалсификувале фактури во кои внесувале наводна набавка на нафта од рафинеријата “Окта“ и потоа преку поврат на ДДВ се збогатиле за 562 илјади евра, соопшти Финансиската полиција. Главен организатор на криминалната група е Р.В (47), сопственик и управител на фирмата “Марели­Импекс“ и овластен потписник на банкарските сметки на фирмата “ЗД Петрол ЛТД“ чиј сопственик е негов пријател кој бил на работа во странство. Тој во моментов е ве бегство и по него ќе биде распишана потерница. Првопријавениот Р.В (47) во својство на управител, сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на “Марели­Импекс“ и овластен потписник на банкарските сметки на “ЗД Петрол ЛТД“, во периодот 2011- ­2015 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во сметководството на фирмите употребил фалсификувани фактури за наводно извршени набавки на нафта од скопската рафинерија “Окта“.Финансиската полиција кај дел од осомничените изврши претрес на дом, деловни простории и возила при што се пронајдени бланко фактури со печати од една од фирмите кои учествувале во „нафтениот бизнис" како и 15 фалсифувани фактури наводно издадени од “Окта“ на “Марели­Импекс“, во вкупен износ од 369.000 евра со вкалкулиран ДДВ и 28 фалсификувани фактури во вкупен износ од 1.015.000 евра со вкалкулиран ДДВ исто така со логото и меморандумот на “Окта“, наводно издадени на “ЗД Петрол“, стои во соопштението на Финансиската полиција. Скопјанецот знаел дека разработената криминална шема за брзо и лесно богатење на сметка на државната каса нема да биде во можност да го реализира само преку неговата фирма која била презадолжена и не била ликвидна за натамошни кредитни оптоварувања, во криминалната игра ја вклучил и “ЗД Петрол ЛТД“.

Управата за финансиска полиција во насока на целосно расчистување и документирање на случајот, изврши проверки и во Рафинеријата Окта во Скопје и утврди дека купувачи со такви називи на фирми не постојат и дека со истите никогаш рафинеријата немала деловни односи. Употребениот меморандум Окта Рафинерија АД Скопје го употребувала во 2008 година, 2009 година и 2010 годин, а по 2010 година истиот содржински е изменет и не одговара на оној кој е употребен од страна на пријавениот Р.В (47). Истрагата на Финансиската полиција покажа дека и потписот на одговорното лице од Рафинеријата е фалсификуван, фалсификуван е и печатот кој е употребен на фактурите а се разбира за да се затскрие криминалната шема, фалсификувани се и сите испратници на кои како транспортери на наводно набавената нафта евидентирани се непостоечки камиони и возачи. Во шемата за лесно богатење и прикривање на криминалот се вклучил и сметководителот четириесет и седум годишниот С.Р од Скопје, кој иако бил свесен дека нема нафта набавена од Рафинеријата Окта од Скопје, преку неговото сметководствено биро, на главниот организатор му помагал во изготвување на огромен број на цесии, компензации и асигнации со разни коминтенти се со цел губење на трагите од нафтата која впрочем никогаш и не била набавена

 

Финансиската полиција поради постоење сомневање за финансиски криминал и кај поголем дел од коминтентите на двете осомничени фирми, презема дополнителни активности за проверка на поголем број сомнителни финансиски трансакции што овие фирми ги имале со сега пријавените.

 
 
28.10.2015 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега