Светлана Карапетрова со пратенички прашања до Ставревски и Спасов

Свои пратенички прашања до претставниците од Владата на Република Македонија на денешната седница во законодавниот дом упати и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Карапетрова. 

Пратеничката Карапетрова, постави и побара одговори од претставниците на извршната власт на три пратенички прашања. Првите две беа упатени до Владата, додека третото пратеничко прашање беше упатено до Министерството за труд и социјална политика. 

Првото прашање се однесуваше на објавениот извештај на „Doing Business“ во кој Република Македонија забележа раст и скок од некоклу места во неколку сегменти, како и позиционирањето на Македонија на листата на земји во минатото и сега. 

Одговор на ова прашање даде вицепремиерот Зоран Ставревски кој нагласи дека вчера објавената информација од извештајот на „Doing Business“ е податок кој е извонреден за Република Македонија и дека е уште една потврда дека нашата држава е најдобра земја во регионот на југоисточна европа за водење бизнис, 6-та е во Европа и 12-та во светот во конкуренција на 189 земји. Во врска со тоа Ставревски нагласи дека овој индекс е најкомплексен бидејќи тој вклучува 10 индикатори за услвоите за водење бизнис и дека инвеститорите токму поради тежината на овој индекс тие го следеле најмногу. Тој исто така нагласи дека Република Македонија има континуиран напредок на ова поле и потенцираше дека нашата држава во 2006 година беше рангирана на 94-то место, а денес таа се наоѓа на 12-то место во светот.

Второто прашање упатено до Владата се однесуваше на објавувањето на информацијата дека се официјализирани инвестиции на две големи американски компании и за тоа колку нови работни места ќе донесат овие две нови странски инвестиции. И на ова прашање исто така одговор даде Зоран Ставревски кој образложи дека со овие инвестиции дополнително ќе се зголеми бројот на работни места и дека до 2017 година се очекува процентот на невработеност во Македонија да се намали на нешто под 22%. 

Последното прашање кое беше упатено до Министерот за труд и социјална политика се однесуваше на создавањето на услови за отворање на нови бизниси и креирање на нови работни места во Република Македонија односно конкретното прашање гласеше, кои мерки се превземаат за намалување на невработеноста во нашата држава. 

Министерот Диме Спасов одговори дека Министерството за труд и социјална политика во последниве години спроведе низа на мерки со кои што се допринесе за намалување на невработеноста но исто така и за зголемување на вработеноста. Тој го спомена проектот „Македонија вработува“ со кој се опфатени голема група на граѓани кои ќе можат да ги искористат поволностите кои ги нуди овој проект. Спасов додаде дека за само 6 месеци преку овој проект досега се отворени 7885 нови работни места, а околу 5000 македонски компании ги искористиле овие поволности.

На крајот, покрај многуте мерки со кои се придонесува за намалување на невработеноста и се олеснува работењето на македонските компании, Спасов исто така нагласи дека Владата неодамна го донесе и новиот оперативен план за 2016 година за кои се планирани 11,5 милиони евра за 28 мерки кои ќе бидат насочени за намалување на невработеноста, отворање на нови работни места, отворање на нови мали и микро компании.

 
 
29.10.2015 - 17:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа