Нов оглас на Министерството за образование

Министерството за образование и наука објави оглас за интерес за наставници по англиски јазик кои ќе предаваат во првото државно меѓународно основно училиште. Наставата би почнала во 2016/2017 година, училиштето каде што ќе има настава од прво одделение ќе биде во некое од постојните училишта во Скопје, а предавачите треба да имаат сертификат за познавање англиски јазик.

МОН ќе го реализира проектот во соработка со Британскиот совет-Скопје.  Рокот за пријавување на кандидатите заинтересирани да бидат наставници во училиштето е до 25 ноември. 

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска изјави дека во првата година би била отворена една или најмногу две паралелки, а запишувањето ќе биде без паричен надомест. Појасни дека основните предмети ќе бидат на англиски, а мајчиниот јазик ќе се изучува ккао и во редовната настава. За овој проект се изработени и посебни програми од Бирото за развој на образованието.

- Во најголем дел наставата ќе биде на англиски, на некој начин  ќе биде билингвална функционалноста на тоа училиште. Ќе почнеме со една до две паралелки за да го видиме интересот на учениците односно на семејствата кои би сакале да ги вклучат нивните деца во ваков тип на образование на англиски јазик. Се повеќе има интерес кај родителите и децата да учат на англиски јазик, дел од нив се запишуваат во приватни училишта. Затоа како Влада одлучивме прво да најдеме соодветен кадар. Планот е во една од скопските општини, во веќе постојните училишта, да бидат отворени првите паралелки. Потоа, според тоа како ќе се развива интересот, ќе ги определуваме следните чекори. Во овој момент е преамбициозно да дефинираме цело едно училиште што ќе биде училиште во кое се учи на англиски јазик, изјави Ристовски.

По завршувањето на рокот за пријавување, апликантите ќе бидат селектирани од МОН и Британскиот совет. Избраните ќе одат на дополнителна обука за англиски јазик во Британскиот совет и ќе имаат дополнителни психолошко-методски подготовки за спроведување на овој тип настава. Се очекува наставата да почне од следната учебна година.  Дотогаш МОН, покрај изборот на кадарот, ќе ја избере локацијата и ќе работи на подготовка на инфраструктурните услови. 

 
 
30.10.2015 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега