Ново олеснување од ФЗОМ

На барање на Здружението на лица со стома – „Илкома“, Фондот за здравствено осигурување на Македонија донесе одлука која ќе значи олеснување за над 1.900 осигуреници со колостома, илеостома и уростома, кои од 1 декември ќе можат да подигнат количини за три месеци во ортопедските куќи.

Станува збор за пациенти кои се заболени од најтешки и малигни заболувања и поради здравствената состојба имаат вештачки отвори – стоми. Поради оваа здравствена состојба мораат секојдневно да користат ортопедски помагала - ќеси, кои заменуваат определена телесна функција. Без овие ќеси, пациентите не се во можност нормално да функционираат во секојдневниот живот.

Во пракса значи дека овие пациенти, со едно одење на матичен лекар ќе можат да земат потврда и да си подигнат количини за три месеци. Ова олеснување е особено важно за осигурениците кои живеат во помали места и мораат секој месец да одат до друг град да ја подигнат потребната количина на ќеси за стома.

- На овој начин Фондот и излегува во пресрет на оваа ранлива категорија на граѓани, најчесто заболени од малигна болест. Оваа новина ќе биде олеснување за над 1. 900 лица, за кои Фондот одвојува околу 65 милиони денари годишно за ќеси за стома, се вели во соопштението на ФЗОМ. 

Фондот за здравствено осигурување овозможува остварување на право за ортопедски помагала за кои годишно одвојува значителен износ на финансиски средства. Ортопедските помагала имаат за цел да надоместат определен дел од телото или да извршат корекција на вродени или стекнати деформитети и допонително имаат за цел да го олеснат секојдневното функционирање на осигуреникот, а воедно се класифицираат и како медицинско санитетски помагала без кои осигуреникот не може нормално да живее. 

Фондот за своите осигуреници обезбедува 355 типови ортопедски и други помагала, т.е. 1.373 помагала од различни производители. Фондот има склучено договор со 29 ортопедски куќи на територија на Македонија, кои имаат мрежа од 107 специјализирани продавници. Финансиските средства кои Фондот ги има предвидено за ортопедски помагала во 2015 година се 550 милиони денари. Во 2014 година година Фондот издвоил 505 милиони денари, во 2013 година издвоил 465 милиони денари, во 2012 година 400 милиони денари, а за 2011 година 380 милиони денари. 

 
 
30.10.2015 - 12:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега