Џанков: Извештајот на Дуинг бизнис е многу важен за Македонија

Над триесет милиони предгледи за само еден ден има он лајн верзијата на извештајот Дуинг бизнис. Овој податок е доволен показател за неговата релевантност во деловниот свет. Креаторот на Дуинг бизнис индексот кој ја мери деловната клима во земјите, Симеон Џанков вели дека извештајот е многу важен за малите земји, како Македонија, пренесе МИА.

Големите економии немаат проблем, тие се огромни пазари и заради тоа имаат многу инвестиции, но Дуинг бизнис е значаен за малите економии. Преку него, инвеститорите дознаваат за земјите како Македонија.

- Инвеститорите кои размислуваат за тоа каде да ги вложат парите, за жал не знаат за Македонија. Знаат за Германија, Полска, но не и за Македонија. Кога носат инвестициски одлуки, тие добираат информации. Дуинг бизнис е еден од првите извештаи кои ги читаат, затоа што е тоа извештај на Светската банка што му дава голем легитимитет. Секој инвеститор, од сите сектори го има погледнато овој извештај пред да одлучи да инвестира во Македонија. Дуинг бизнис има големо влијание, вели Џанков во интервју за економски.мк.

Дуинг бизнис постои 14 години и мери повеќе индикатори како што се брзината за почнување бизнис, трошоците за работа на компаниите, процедурите за добивање градежни дозволи…сите тие се битни за менаџерите кои бараат нова инвестициска дестинација. Македонија е доказ за тоа. Колку повисоко котира на извештајот, толку повеќе инвестиции доаѓаат во земјата. Таа е лидер во деловниот свет затоа што во изминатите девет години спроведе редица реформи кои ја подобрија бизнис климата.

- Оваа Влада, посебно министерот Ставрески, работеше постојано на реформите, почнувајќи од 2006/2007 година. Истиот тим работи долго време на овој проект и може да согледа кои реформи се потребни. Јас бев менаџер на проектот во првите шест седум години и секоја година доаѓав тука за да дискутираме кои реформи се потребни. Значи ова не се случи за една година. Тоа што го гледаме годинава е резултат на многу напорна работа. Во текот на последната година направени се две клучни реформи заради кои Македонија е 12 во светот. Едната е олеснувањето на процедурите за основање бизнис за новите компании која сега се одвива електронски и е многу брза. И втората се однесува на посточеките компании кои се во раст и добиваат нови косопственици. Новите сопственици сега се многу позаштитени годинава споредено со лани. Тоа се клучните реформи кои ги спроведе Македонија годинава, вели Џанков.

Џанков не вели дека извештајот Дуинг бизнис е совршен. Но, според него критиките доаѓаат од големите економии кои котираат подолу на листата. Нивните тврдења дека извештајот е контроверзен затоа што не ги зема предвид инвестициите и растот туку условите за водење бизнис, не се издржани.

- Многу компании инвестираат во Кина затоа што тоа е голем пазар, а не затоа што има добра бизнис клима. Истото важи и за Индија и за Бразил. Ако погледнете кој го критикува извештајот, ќе видите дека тоа се големите земји кои тврдат дека и покрај извештајот имаат инвестиции, вели Џанков.

Најобемниот извештај на Светската банка, Дуинг бизнис годинава Македонија ја рангираше на 12 место во светот според условите за водење бизнис во конкуренција на 189 земји. За девет години земјава напредуваше за 82 места на оваа листа.

 
 
30.10.2015 - 15:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега